РСЕ: Судиите конечно се охрабија

Сподели

Последните случувања во Кривичниот суд се последица од состојбите во судството кое одамна го допре дното, но се покажува и дека некои судии повеќе не сакаат да бидат заложници, велат упатените за Радио Слободна Европа. Петнаесет судии од Основниот суд Скопје 1 потпишаа петиција до Судскиот совет да преземе мерки против претседателот на судот Владимир Панчевски, бидејќи го злоупотребил судот. На тоа и претходеше кривичната пријава на судијата Иван Џолев против Панчевски за незаконско влијание за носење одлука врз судија и за поткуп. Претседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова исто така упати критики кон Панчевски. Вчера вербално и физички била нападната портпаролката на Кривичниот суд од нејзин колега.

osnoven-sud-1-02

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ вели дека сето ова е последица од работењето на Кривичниот суд, кој применува двојни аршини и селективна правда под раководство на претседателот Панчевски, чии афери во последно време се отвараат.

 „Судиите повеќе не сакаат да бидат заложници на целокупната ситуација. Се охрабруваат да го покажат она што постојано го потенцираме дека еден судија мора да има изграден став и да има достоинство. Овие судии го покажаа тоа. Молчеа до сега што не е убаво, но добро е што во последно време се осоколија да укажат на сите проблеми кои ги имаат и да го кренат својот глас“.

Универзитетскиот професор Осман Кадриу смета дека мора да се испитаат околностите и Судскиот совет треба да преземе конкретни мерки, бидејќи нарушените односи во судската власт директно се одразуваат врз функционалноста и остварувањето на надлежностите на судот.

„Кога се има предвид какви се предмети пред овој суд треба да се расветлат. Доволно е само да се споменат предметите кои произлегуваат од СЈО тоа укажува дека мерките се неминовни затоа што ваквите состојби апсулутно претставуваат сериозна пречка и правна и фактичка за да може судот благовремено да ги реши овие предмети“, вели Кадриу.