Судењето на претседателот Трамп во Сенатот без сведоци и толерирањето на опструкцијата на Конгресот од страна на Белата куќа покажуваат дека САД забрзано се движат од демократија кон автократија. Во услови на длабока партиска поделеност на сенаторите, таквиот преседан на судењето целосно го обесмислува импичментот како уставно средство за контрола на извршната власт. По случајот „Украина“ – САД не можат веќе да бидат пример на другите земји во нивната борба против корупцијата, ниту можат да бидат пример за владеење на правото.
Според Уставот, Сенатот на САД е eдинствениот орган што може да му суди на претседателот на САД. Тој може да го отстрани од функцијата и да го дисквалификува за вршење на која било друга платена или почесна функција. Сменетиот претседател потоа може да биде казнет од страна на федералниот суд ако се докаже дека сторил предавство, корупција, друго тешко кривично дело или покрупен престап додека бил на власт… Не станува збор за класични кривични дела или престапи туку за нешто многу повеќе од тоа, бидејќи станува збор за повреда на јавниот интерес и на довербата што му ја дал американскиот народ за време на изборите.
Млеко а не кафе за сенаторите
Судењето во Сенатот формално започна на 16 јануари 2020 година со читањето на Резолуцијата на Претставничкиот дом за отповик на Трамп. Резолуцијата има карактер на обвинителен акт претходно потврден од Претставничкиот дом со 228 гласа „за“ и 193 „против“. По потврдувањето на обвинителниот акт, Претставнилчкиот дом определи и седум обвинители (менаџери), предводени од Адам Шиф, лутиот противник на Трамп. Одбраната на Белата куќа ја застапуваа осум адвокати, на чело со Пет Сиполони, правен советник во Белата куќа. Во тимот се најде и Кенет Стар, кој овојпат се покажа како послаб адвокат отколку како истражител на случајот „Левински“ (сексуална афера на претседателот Бил Клинтон).
По читањето на обвинението и предавањето на истражниот материјал за случајот од 28.750 страници се пристапи кон давање заклетва. Пред Сенатот, прво заклетва поднесе Џон Робертс, а потоа пред него поднесоа заклетва сенаторите. Се заколнаа дека ќе го почитуваат Уставот и дека на претседателот ќе му судат непристрасно, што се покажа неточно. На лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот, Мич Меконел, не му беше непријатно да изјави дека чекорите во одбраната на Трамп ќе ги усогласува со Белата куќа. Тоа е исто како судијата да го подучува обвинетиот како да се брани во судската постапка.
По заклетвата, правилата за судење ги обелодени лидерот на мнозинството во Сенатот, повикувајќи се на правилата што беа применети за време на судењето на Клинтон. Тој ја определи временската рамка на судењето, а главниот судија само ја потврди. Го определи траењето на обвинението и на одбраната, денот кога сенаторите можат да поставуваат прашања во писмена форма, денот на донесувањето на одлуката за сведоците, на изложувањето на клучните аргументи на обвинението и на одбраната и денот кога сенаторите ќе гласаат за обвинението.
Судењето започна на 21 јануари, а заврши на 5 феврури 2020 година, ден по обраќањето на Трамп во Конгресот за состојбата на нацијата. По силниот судир на менаџерите и адвокатите и прашањата на сенаторите, Трамп е ослободен од обвинението за злоупотреба на власта, со 52 гласа – „не е виновен“ (Not Guilty) и 48 гласа – „виновен е“ (Guilty). Ослободен е и од одговорност за опструкцијата на Конгресот со 53, наспроти 47 гласови. За одговорност по првата точка од републиканците гласал само Мит Ромни, сенатор од Јута.
Пред да почне судењето, Чак Шумер, лидер на демократите во Сенатот, побара Сенатот да ја задолжи Белата куќа да достави 70 документи што Претставничкиот дом ги побарал додека одлучувал за отповикот на Трамп. Сенатот го одби таквото барање со 53 гласа „против“ и 47 гласа „за“. Тоа беше првиот знак дека Сенатот нема да дозволи праведно судење. Подоцна, Сенатот го отфрли и барањето на демократите да се издадат судски налози за сведочење на девет клучни личности од Белата куќа (subpoena). И овој предлог е одбиен, но со потесен резултат – 51 глас „за“ и 49 „против“. Од републиканците позитивно гласале сенаторите Мит Ромни и Сузана Колинс, заедно со независните сенатори.
Извор: learningenglish.voanews.com
За време на судењето, сенаторите беа затскриени од јавноста. Шест часа им поставуваа прашања на обете страни, во писмена форма, кои потоа ги читаше главниот судија. Не даваа изјави за јавноста, ниту беа прикажувани на телевизиските екрани. Им беше дозволено да пијат млеко, но не и кафе, за да можат полесно да заспијат, како што, на пример, му се случи на сенаторот од Ајдахо, Џејмс Риш. Во еден момент Риш заспал, а потоа рече дека тоа е негов начин на следење на судењето.
Коруптивна шема во случајот „Украина“
Коруптивната шема што ја направи Трамп е видлива од неговиот телефенски разговор со претседателот на Украина, Володомир Зеленски од 25 јули 2019 година. Транскриптот од разговорот стана достапен по неговата декласификација извршена од Белата куќа на 24 септември и неговото објавување во „Њујорк тајмс“ на 30 октомври 2019 година.
На почетокот од разговорот двајцата претседатели си даваат комплименти еден на друг, со видлива подреденост и исплашеност на помладиот претседател од „агресијата на Русија“. Трамп му ја честита на Зеленски победата на парламентарните избори, а овој, пак, му возвраќа дека од него многу научил како се добиваат изборите. По комплиментите, Зеленски бара САД да и обезбеди енергетска независност на Украина и тој како претседател да влијае врз Русија да не се меша во војната што се води во неговата земја. Трамп тоа го прифаќа и го употребува зборот „реципроцитет“, со цел да каже дека САД и даваат многу повеќе на Украина отколку што добиваат од неа. Зеленски се согласува со тоа, не 100 отсто, туку 1000 отсто. Веднаш потоа, Трамп го наведува на истрагата што треба да ја спроведе заедно со американскиот секретар за правда, Вилијам Бар. Зеленски бара да се вклучи и Руди Џулијани, приватниот адвокат на Трамп. Трамп се согласува со тоа, кажувајќи му дека Џулијани и Бар можат многу да му помогнат на Јавниот обвинтел на Украина да ја истражи корупцијата на Хантер и неговиот татко Џозеф Бајден во украинската компанија „Бурисма“. На крајот од разговорот, Трамп поентира: „Сигурен сум дека тоа ќе го направите“. А Зеленски му одговара дека тоа ќе го направи со сигурност: „Како претседател на Украина ви гарантирам дека сите истражни дејствија ќе бидат преземени транспарентно и чесно“.
„Услуга за услуга“. Тоа прв го обелодени Гордон Сандленд, амбасадор на САД во ЕУ, донатор и пријател на Трамп. Принципот quid pro quo го потврди и Џон Болтон, советник на Трамп за национална безбедност. Тој потврди дека во мај 2019 година Трамп од него побарал да изврши притисок врз украинскиот претседател да спроведе брза истрага на штета на Џозеф Бајден, негов потенцијален ривал на претседателските избори. Шемата „услуга за услуга“ ја признаваат и сенаторите републиканци Мит Ромни, Ламер Александер и Џони Ернест. Сите тројца потврдуваат дека Трамп „не смеел тоа да го прави“, односно не смеел 55 дена да ја држи замрзната воената помош на „пријателска“ Украина во услови кога во таа земја се води војна.
Од демократија кон автократија
Ослободувањето на Трамп од обвинението покажува дека САД се движат од демократија кон автократија – од поделба на власта кон апсолутна доминација на извршната власт, преку признавање на „претседателските привилегии“ непостоечки во Уставот на САД. По ослободувањето на Трамп од вина, не е реално да се очекува во иднина да биде сменет било кој претседател на САД, независно колку ќе ја злоупотреби власта и колку безобѕирно ќе го опструира Конгресот во неговата надзорна функција врз извршната власт преку постапката за импичмент.
Во услови на партиска лојалност на сенаторите, сменувањето на претседателот од функцијата станува невозможно, ако неговата партија има мнозинство во Сенатот. Тоа го знаеше Трамп уште од самиот почеток на постапката за неговото отповикување. Никогаш не изрази жалење за тоа што го направил. Останува до крај убеден дека е „најдобриот претседател“ во историјата на САД, дека импичментот против него е „напад врз Америка“ и дека демократите против него водат „лов на вештерки“, рамен на оној во Салем – Масачусетс од 1692 година.
Особено загрижува ослободувањто на Трамп од обвинението за опструкција на Конгресот. За ослободувањето од одговорност по оваа точка гласале сите републиканци, без исклучок. А тоа обвинение е потешко од обвинението – злоупотреба на власта. Трамп одби да соработува со Претставничкиот дом и не прифати ни едно негово барање, било да се работи за документи или за судски налози. Станува збор за 70 документи и 71 судски налог. Со тоа темелно е пореметена рамнотежата помеѓу законодавната и извршната власт. Во овој случај, Трамп постапи неприкосновено како да е „барон“ или „крал“.
Судењето на Трамп е прво судење без сведоци во последните двесте години од историјата на САД. Сенатот го одби барањето на демократите да се повикаат на сведочење клучните актери во аферата „Украина“: Мајк Пенс, потпретседател на САД, Мик Малвени, шеф на кабинетот на Трамп, Мајк Помпео, државен секретар за надворешни работи, Вилијам Бар, државен секретар за правда, Џон Болтон, советник за национална безбедност, Пет Сиполони, правен советник на Белата куќа, Руди Џулијани, приватен адвокат на Трамп и Лев Парнас, американски бизнисмен од украинско потекло. Судење без сведоци не е судење, ни во политичка ни во правна смисла.
За време на судењето на претседателот Ендрју Џонсон сведочеле 41, а во постапката против Клинтон три сведоци. Судење без сведоци и без усмена расправа во Сенатот, во услови на партиска поделеност на сенаторите, значи дека од импичментот, така како што го замислил Александар Хамилтон не останува ништо, освен зборови запишани во Уставот. Без негова ефективна примена, претседателската власт во САД неминовно дегенерира од уставна во империјална власт. Дегенерацијата ќе биде уште побрза ако Трамп повторно биде избран за претседател на САД.
Ослободувањето на Трамп од одговорноста за злоупотреба на власта ќе ја доведе во опасност и американската демократија. Отворената врата за странско мешање во претседателските избори во 2016 година веројатно ќе биде подотворена и на тие во 2020 година. Ако тоа се случи, тогаш на изборите ќe биде загрозена и волјата на американскиот народ слободно да одлучува за своите претставници. Ќе бидат обезвреднети најзначајните зборови од Преамбулата на Уставот на САД: „Ние, народот на Соединетите држави…“.