САЈБЕР ПРОСТОРОТ: НОВО БОЈНО ПОЛЕ? – Весна Попоска

Сподели

 

Често се наметнува прашањето: дали виртуелниот простор може да биде „место на злосторството“ или само алатка за негово извршување. За жал, и двете опции се возможни, пишува Весна Попоска за Республика.

Технолошкиот напредок овозможи акумулирање на моќ во рацете на поединци со малициозни намери.

Весна Попоска

(Зло)употребата на сајбер просторот и на придобивките на модерната технологија овозможуваат голем дострел и брза придобивка за постигнување на различни политички цели. Недржавните актери секојдневно ги користат придобивките на модерната технологија за мултиплицирање на моќта.

Неретко, и самите држави, дејствувајќи отворено или прикриено, го злоупотребуваат истиот простор, навлегувајќи во прокси војни, искористувајќи ги сите елементи на национална моќ за здобивање со определена предност или за постигнување на цел која го поддржува нивниот национален интерес. Случајот Стакснет успеа да ја врати иранската нуклеарна пограма многу назад, низа земји во светот ја обвинија Русија за наменски сајбер напади, особено во контекст на случувањата во Грузија и Естонија, а Биткоинот стана сериозен играч, особено во контекст на енергетската криза.

Често се наметнува прашањето: дали виртуелниот простор може да биде „место на злосторството“ или само алатка за негово извршување. За жал, и двете опции се возможни.

Колку што го олесни живеењето и ги забрза економските процеси и глобализацијата, енормно брзиот технолошки напредок толку го направи светот во кој живееме – поранлив. Безбедносно гледано, сајбер просторот е новата Ахилова петица – или подобро кажано, hic sunt leones („тука се кријат лавови“ – фигуративно, латинска поговорка). Од кражба на податоци и финансиски малверзации по електронски пат до оневозможување на услуги, шпионажа, загрозување на критичната инфраструктура и директен напад на нуклеарна програма… Дијапазонот е навистина широк.

Токму затоа е многу тешко да се дадат конкретни и специфични правни одговори, кои би ги задоволиле барањата на различните предизвици. Структурата на сајбер просторот, а посебно, природата на интернетот е спротивна на потребата да биде контролирана.

Виртуелна закана, реални ефекти

Комплексноста на виртуелниот простор и безбедносните закани кои од него произлегуваат, предизвикува реални ефекти во сите аспекти на секојдневното живеење. Во последниот период, додека ја сведочиме руско-украинската војна, интензитетот во виртуелниот простор не е ништо помал од интензитетот на бојното поле.

Впрочем, прокси војните се феномен кој особено се интензивира по падот на Берлинскиот ѕид, и подразбира непријателски активности без директна или барем видлива конфронтација, најчесто преку недржавни актери или актери чија активност не може да се и припише на државата во официјален капацитет.

Контекстот на новото време најдобро го долови поранешниот претседател на САД, Барак Обама, кога изјави дека: „Економски просперитет на Америка, националната безбедност, нашите индивидуални слободи, зависат од нашата посветеност за обезбедување на сајбер просторот и одржување на отворен, интероперативен, безбеден и сигурен интернет.

Извор: pixabay.com

Нашата критична инфраструктура продолжува да биде изложена на ризик од закани во сајбер просторот, а нашата економија е повредена од кражба на нашата интелектуална сопственост. Иако заканите се сериозни и тие постојано се развиваат, верувам дека ако им се посветиме ефективно, можеме да се осигураме дека Интернетот ќе остане мотор за економскиот раст и платформа за слободна размена на идеи”.

Сајбер безбедноста како концепт

Безбедносната стратегија на Европската унија од 2013-та година вели дека „Сајбер-безбедноста вообичаено се однесува на заштитните мерки и активности кои може да се користат за заштита на сајбер доменот, како во цивилните, така и во воените области, од тие точки кои се поврзани со, или преку кои може да им се наштети на независни мрежи, информации и на нивната инфраструктура.“

Тоа имплицира дека и правната рамка ќе биде, условно кажано, и „цивилна“ и „воена“ – и национална, и меѓународна.

Пионерските чекори во овој домен Република Северна Македонија ги направи прилично доцна, непосредно во рамките на реформите неопходни за да се добие членството во НАТО. Па така, беа усвоени Национална стратегија за сајбер безбедност 2018-2022 и Акциски план за истиот период како и Стратегија за сајбер одбрана под капата на Министерството за одбрана.

Правни предизвици

Сајбер безбедноста отвора многу дилеми, но веројатно првото прашање би било: чија е јурисдикцијата? Одговорот ќе ја имплицира и правната рамка и конкретната акција. Но, како би можел сајбер просторот да потпадне под чија било јурисдикција? Евентуално, може да се зборува за јурисдикција врз инфраструктурата која го овозможува постоењето на сајбер просторот, но во суштина, тој не е фиксна категорија.

Светот составен од битови и бајтови, не може да се измери, лоцира и алоцира во класичното значење на поимите. Од друга страна, сајбер просторот е место каде најмногу „се кршат копјата“ во судир помеѓу барањата за безбедност и приватност, а човековите права концептуално се на удар.

Помеѓу инкриминацијата и војната

Сајбер војување (cyber warfare) претставува хибриден термин кој има за цел да опфати поширок спектар на агресивни дејствија. За разлика од војната или кривичните дела, терминот „војување“ не претставува правна категорија. Токму затоа и е често употребуван – опфаќа поширок спектар на дејствија, особено во контекст на современите хибридни и асиметрични безбедносни закани, кои често се наоѓаат во меѓупросторот на криминалот и војната.

Иако поограничен, како синоним се употребува и терминот електронско војување, кој Талинскиот прирачник го дефинира како „Употреба на електромагнетните полиња (EM) или насочена енергија за искористување на електромагнетниот спектар. Тоа може да вклучува пресретнување или идентификација на емисиите, вклучување на енергија, спречување на непријателската употреба на ЕМ спектар од една спротивна страна, како и активности за да се обезбеди ефикасно вклучување на ЕМ спектар од државата корисник.“

Талинскиот прирачник со неговите две изданија и третото во најава, претставува, иако во мека и необврзувачка форма, кодификација на постоечките правни правила во контекст на меѓународното право за вооружени конфликти. Неговите принципи, барем во делот на документи кои се јавни и достапни, сè уште не се инкорпорирани во правните правила применливи за националните армиски сили.

Веројатно токму изградбата на воена доктрина во делот на сајбер просторот е еден од следните чекори кои неминовно треба да се преземат. Интензивните активности во овој сегмент не ги одминуват и традиционално воено неанагажираните земји.

Така, на пример Канада, која предводена од конзервативна влада, во 2015 усвои ново антитерористичко законодавство, во 2017 година, предводена од либерална влада, етаблираше нови надлежности за националната агенција за електронски надзор, давајќи и можност тесно да соработува со армијата и да спроведува офанзивни акции кон странски актери и да исклучува потенцијални сајбер напади со цел да ја заштити Канада и нејзината критична инфраструктура.

На мала врата, ваквата состојба ја легализира не само антиципаторната, туку и преемптивната самоодбрана во сајбер контекст, што може да биде исклучително опасна практика – односно да се употреби воена сила против напад кој сè уште не се случил.

Во секој случај, може да се зборува за условно кажано две правни рамки: националната како примарна и потесна и меѓународната како поопшта и поширока.

Македонскиот дел од приказната

Кога станува збор за националната правна рамка, во Република Северна Македонија, сајбер безбедноста се третира како кривична материја, пред се во доменот на сајбер криминалот. Односно, се сведува на класичните дела на компјутерски криминал или на употреба на компјутерски системи и мрежи за вршење на дела од „класичниот“ криминал – (компјутерска) измама, (компјутерски) фалсификат, кражба (на лични податоци) и слично. Националната правна рамка се движи примарно низ материјалното казнено право – кривичниот законик.

Македонија е членка на Конвенцијата за сајбер криминал на Советот на Европа. Со тоа што Конвенцијата е ратификувана, таа станува дел од внатрешниот правен поредок согласно Уставот. Кога се ќе се земе предвид, „на хартија“ состојбата можеби и не е толку лоша, но иако не постојат јавни достапни податоци или истражување за степенот на ранливост, извесноста од ризик е голема.

Нападот на веб страницата на Државната изборна комисија е веројатно најеклатантниот пример за тоа.

Сепак, најсериозниот проблем е веројатно свесноста, на која интензивно треба да се работи, паралелно со развојот на медиумската писменост и развојот на отпорноста, односно резистентноста (resilience) како концепт. Во отсуство на прецизна правна рамка и со реално тешко постиглив консензус околу истата, клучните актери во светот се фокусираат многу повеќе на развој на „политики“ (policy) како modus operandi за делување и реакција.