Обединетото Кралство: Сакаме да ја видиме Македонија просперитетна и успешна

Сподели

 

-“Сакаме да ја видиме Македонија просперитетна и успешна”, му порача британскиот министер за Европа Алан Данкан, на македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров по потпишувањето на Заедничката изјава за партнерство и соработка меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

-” Нашите две земји се посветени да работат билатерално и мултилатерално за да се исполни оваа визија и да се справиме со предизвиците со кои заеднички се соочуваме”, стои во Заедничката изјава за партнерство и соработка меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство.

Министерот Димитров,како што стои во соопштението на МНР,  изрази задоволство што уште една пријателска земја е подготвена да даде конкретна поддршка на реформските процеси на Република Македонија.

-” Ова партнерство е подеднакво корисно за двете земји – за Македонија е инспирација што зад неа стои една од најстарите демократии, а за Велика Британија потврда за нивниот несебичен ангажман за зацврстување на демократијата. На средбата, во исклучително пријателска атмосфера беше потврдена британската поддршка за евро-атлантските интеграции на Македонија. Обединетото Кралство останува силно присутна во регионот на Западен Балкан и поддржувач на членството на земјите од Регионот во ЕУ”, истакна Димитров.
Во рамки на посетата, попладнево министерот Димитров ќе учествува на конференцијата „Британската демократија: Глобални вредности во неизвесен свет“ што ја организира престижната Вестминстер Фондација за демократија (WFD) по повод 25-годишнината од нејзиното основање.