Најновиот Galaxy Watch ќе биде првиот уред со One UI Watch кориснички интерфејс и нова платформа создадена во соработка со компанијата Google
Компанијата Samsung Electronics го претстави најновиот One UI Watch кориснички интерфејс на Светскиот конгрес за мобилна телефонија (MWC) 2021. Новиот интерфејс е дизајниран за да обезбеди подобро поврзување на Galaxy Watch паметните часовници и Android паметните телефони, а ќе биде достапен на новата, заедничка платформа која Samsung ја креира во партнерство со компанијата Google. One UI Watch има унапредени перформанси, како и пристап до поголем број апликации. Samsung на настанот откри дека следниот Galaxy Watch ќе биде првиот што ќе ја користи новата заедничка платформа и интерфејс, а ќе биде претставен на Unpacked настанот подоцна оваа лето.
„За да го оствариме целосниот потенцијал на нашите паметни часовници, решивме да го искористиме богатството на мобилни иновации и партнерства со водечки компании во индустрии, со кои заедно растевме. Со ова на корисниците ќе им овозможиме уште подобро искуство при користење паметни часовници и практичност на Galaxy екосистемот“, изјави Патрик Комет, извршен потпретседател и директор на Одделот за корисничко искуство во сегментот на мобилни комуникации на компанијата Samsung Electronics.
Како дел од новото Galaxy Watch искуство, откако корисникот ќе инсталира апликации на паметниот телефон што се компатибилни со паметниот часовник, Galaxy Watch автоматски ќе ги преземе. Ако корисникот на својот паметен телефон го прилагодил приказот на тековното време, паметниот часовник исто така ќе се синхронизира. Исто така, доколку корисникот одлучи да блокира повици и пораки од паметниот часовник, тие ќе бидат запрени и на паметниот телефон.
Новата заедничка платформа отвора пат за нови карактеристики и интеграции со други популарни апликации кои се достапни за преземање од Google Play директно на Galaxy Watch. Благодарение на разни партнерства, корисниците секогаш ќе бидат во можност да го најдат вистинското решение, како што се апликациите Adidas Running, GOLFBUDDY SmartCaddy, Strava или Swim.com за спортските ентузијасти. На корисниците кои се заинтересирани за wellness може да им се допаднат апликации како Calm или Sleep Cycle, додека љубителите на музиката ќе уживаат во новата содржина на апликациите како што се Spotify и YouTube Music. На крајот, на сите кои сакаат во слободно време да истражуваат добро ќе им дојде и Google Maps.
„Samsung и Google соработуваат долго веќе многу години, така што со заеднички сили секогаш го создаваме најдоброто за нашите корисници. Ова секако се однесува на новата, заедничка платформа, која што за прв пат ќе може да се види на новиот Samsung Galaxy Watch паметен часовник. Возбудени сме што обезбедуваме подолго траење на батеријата, побрзи перформанси и пошироко портфолио на достапни апликации, кои вклучуваат многу Google апликации“, додаде Самир Самат, потпретседател на Одделот за управување со производи во сегментот Android и носечки уреди на компанијата Google.
Дополнително, Samsung објави и подобрена верзија на Watch Face Design алатката, која на дизајнерите ќе им овозможи полесен начин за креирање теми. Подоцна во текот на годината, развојните програмери на системот Android ќе можат да ја изразат својата креативност при создавање забавни, нови дизајни што ќе бидат додадени во колекцијата на Samsung Watch теми. Со ова корисниците ќе имаат уште повеќе опции на раполагање за прилагодување на своите паметни часовници, за подобро да одговараат на нивниот животен стил и посакуваните активности.