Се подготвува менувањето на таблите со новото име на државата. Државните институции, граничните премини и дипломатско-конзуларните претставништва ќе имаат рок од седум дена по ратификацијата во Грција на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО да почнат со замена на таблите. Владата најави и формирање на Интерресорска група која ќе почне со работа веднаш по ратификацијата на Протоколот и која ќе треба да изработи Национален акциски план за натамошните мерки и активности за извршување на обврските што произлегуваат од Договорот од Преспа.
Од Владата не очекуваат проблеми од државните институции при користењето на новото име на државите и нагласуваат дека остануваат целосно посветени на имплементацијата на Договорот од Преспа.
– Веднаш по ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО во Атина, стапуваат на сила овие мерки што ги усвоивме. Интерресорската група веднаш започнува со работа. Не е предвиден рок, но тоа значи веднаш. Немаме рок, не постои, рокот е за седум дена за стапување во сила на овие мерки. Тргнуваме веднаш во промена, рече вчера владиниот портпарол Миле Бошњаковски на редовната прес-конференција.
Употребата на новото име на државата ќе биде усогласено и со Законот за употреба на јазиците што значи дека таблите ќе бидат напишани и на албански јазик бидејќи, како што посочи Бошњаковски, Албанците се 20% на државно ниво.
Препораки за промена на таблите ќе добијат и единиците на локалната самоуправа, а секторите и службите за односи со јавност на државните и јавните институции ќе добијат насоки за употреба на уставното име.
Засега од Владата не откриваат колку ќе чини целиот процес на промена, но велат дека тоа ќе се знае откако ќе заврши целата постапка.
Промената на уставното име на Македонија следува по потпишувањето на Договорот од Преспа и неговата ратификација во парламентите во двете држави. По 27-годишен спор со Грција , Македонија ќе го промени името од „Република Македонија“ во „Република Северна Македонија“.
Во однос на тоа дали трошоците за промена на личните документи и таблиците на возилата ќе паднат на товар на граѓаните или државата ќе одвои средства за оваа намена, Бошњаковски рече дека замената на пасошите ќе биде редовна и тоа ќе биде на товар на граѓаните.
– Замената на пасошите ќе биде редовна. Редовната замена на сите останува редовна како и досега. Нема да важат пасошите што се издаваат десет години, туку рокот ќе биде пет години од моментот на отворање на поглавјата и тој трошок ќе биде на товар на граѓаните затоа што ќе биде редовен трошок, рече Бошњаковски.