СЕММ: Зголемен број на претставки, текстовите немаат втора страна

Сподели

sovet-za-etika-vo-mediumite

Осумдесетина претставки против текстови во медиуми годинава се поднесени до Комисијата за етика при Советот за етика во медиумите на Република Македонија, а околу 130 за година и половина, колку што постои ова тело, информираа денеска од СЕММ.

Мирче Адамчевски од СЕЕМ вели дека најголем дел од поплаките се однесуваат на текстови од порталите и поради тоа што тие не се регулирани, се очекува нивниот број драстично да се зголеми во предизборниот период.

– Речиси и да нема претставка во која не е наведено дека во текстот ја нема втората или третата страна. Голем дел се однесуваат, исто така, и на говор на омраза – рече Адамчевски.

Извршниот директор на СЕММ, Марина Тунева, ги повика медиумите на саморегулација за да се запазат етичките норми во новинарството.

– Помина повеќе од половина година откако беше потпишана Повелбата за етичко известување за избори, а претставките сè уште стигнуваат. Наместо да се подобри состојбата во медиумите, таа е влошена – изјави Тунева.

Од СЕММ најавија засилено следење на медиумите и уште еднаш повикаа да се почитува Повелбата, во која јасно се посочени насоките за известување на медиумите во предизборниот и во изборниот период.

meta.mk