Септември 2001: Како засекогаш се промени концептот за тероризам – Јона Копренцка

Сподели

 

  Јона Копренцка

Против тероризмот и насилниот екстремизам денес се бориме преку конференции, семинари, работилници, локални, регионални, национални и меѓународни иницијативи; преку проекти во училиште, во стручните центри, преку ТВ, радио или весници; се борат сите земји затоа што мирот, стабилноста и безбедноста се вредност на секоја земја.

Нападите врз Кулите близначки и Пентагон засекогаш го променија концептот во борбата против екстремизмот и тероризмот. Се поставија нови, глобални политики, кои до тој момент не можеа да се согледаат. На првата линија, како и секогаш застанаа Соединетите Американски Држави, проследени од развиените земји, исто така, и од земјите кои денес се во развој, како државите од Западен Балкан. Оваа нова борба против насилниот екстремизам и тероризам, не наликува на ниедна поранешна борба за која се слушнало или која се видела пред 2001 година.

Соединетите Американски Држави и сиот свет, во септември 2019 година ја одбележаа 18 годишнината од крвавите напади од 11 септемви 2001, кога животите ги загубија 3 илјади лица.

Меѓу жртвите на Кулите близнаци беа 2.752 лица, од нив 342 пожарникари и 60 полициски службеници. Поголемиот дел од жртвите беа цивили од 70 различни националности.

Сеопфатноста во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам

Оваа борба против насилниот екстремизам успеа да ги обедини сите држави на светот. Во овој случај, различно од Првата и втората светска војна, не се работи за борба на една идеологија против друга, туку за борба против еден заеднички непријател. Во оваа борба сите држави се обединети. Пред нападот од септември 2001 година, насилниот екстремизам и тероризмот беа феномени кои не им припаѓаа на развиените општества. Овие феномени немаа голема медиумска покриеност. Општо земено се сметаа како настани кои им припаѓаат на одредени држави. Терористичката група, таканаречена Исламска држава на Ирак и Сирија ИСИС, е таа која му даде глобен приказ на овој феномен и предизвика паника низ целиот свет. Терористичките напади во срцето на Европа и Западот, нè натераа да сфатиме дека насилниот екстремизам и тероризмот не се феномени што ѝ припаѓаат само на една земја или култура. Во прилог на ова, ако се анализира картата на земји погодени од овој феномен, сфаќаме дека потребна е работа и соработка од сите земји, за да се постигне посакуваниот резултат.

Вклучување на земјите од Западен Балкан во борбата против тероризмот

Кога зборуваме за овие појави, не ги земаме предвид ниту географската позиција ниту економијата на една држава. Сите земји имаат еднаков процент на ризик, да бидат нападнати или да бидат погодени од екстремистичката идеологија. Земјите од Западен Балкан, стојат рамо до рамо со Соединетите Американски Држави и со најмоќните земји на светот, давајќи свој придонес во ширење на информации, во креирање на политики, во регионалната и меѓународната соработка, во создавањето глобална мрежа против тероризмот и насилниот екстремизам. Иницијативата на Западниот Балкан за борба против тероризмот, WBCTi, е иницијатива поддржана од ЕУ, за да се реагира во однос на случувањата поврзани со феномените на тероризмот, насилниот екстремизам и радикализмот во Западен Балкан, на начин што ќе се максимализира потенцијалот за регионална соработка и здружување на напорите на сите безбедносни чинители во оваа област на развојот на политиките, на ефикасен и одржлив начин.

Пост 2001: насилниот екстремизам и тероризмот не само војна со оружје, туку војна на мисли

Пред нападите во 2001 година, најчестата помисла за борба против насилниот екстремизам и тероризам беше борбата со оружје. Војната во Ирак и Авганистан, само ја продлабочи уште повеќе идеолошката поделеност меѓу Истокот и Западот. Како и во секоја војна, за време на борбите против тероризмот своите животи ги изгубија голем број цивили, а се смета дека овие војувања беа заради политички и економски цели: нафта. Целото незадоволство од војната и неуспехот да се исполни мисијата, најмногу го искористија екстремистите. Тие успеаја да ја рашират идејата дека овие војувања биле само за економска и политичка корист, што дополнително ја продлабочи создадената идеолошка поделеност, Исток-Запад. Потоа со Арапската пролет и зголемувањето на социјалните и политичките тензии, никнаа разни терористички и екстремистички групи. ИСИС, од терористичка група се претвори во една држава, поставувајќи нови територијални граници.

Septemvri 2001 kako zasekogas se promeni konceptot za terorizamИзвор: csis.org

Филозофијата во однос на овие феномени, целосно се промени. Интернетот и социјалните мрежи се користеа за ширење на нивната идеологија. Вестите за ИСИС и неговото дејствување, се ширеа во реално време на социјалните мрежи, а на Јутјуб се најавуваше која е следната држава каде ќе има терористички напад. Преку социјалните мрежи се ширеше засилена пропаганда (ова продолжува да се случува иако Фејсбук и други медиуми утврдија свои политики против екстремистичката пропаганда). Цивили од сите четири страни на светот им се придружија на терористите/екстремистите, следејќи ги нивните пораки преку интернет. Некои се приклучија затоа што им ветиле голем износ на пари, други затоа што веруваат во една погрешна идеологија.

Светот се почувствува загрозен како никогаш порано. Граѓаните се исплашени, бидејќи нивната земја во секој момент може да биде нападната и треба да признаеме дека стравот/несигурноста, значително се зголемени. За жал, мора да се признае дека ова е победа на злото над редот и безбедноста, уште повеќе што сè уште се чувствува несигурноста при патувањето, бројните и постојаните контроли при сите патувања, кои даваат чувство дека ништо не е како порано.

Не се соочуваме со вооружен конфликт, туку со војна на мисли. Чувството на страв, несигурност или територија по самоубиствен напад, никогаш повеќе не можеш да ги вратиш. Ова е проучено од истражувачите и „борците“ на овие феномени, кои му дале приоритет на формирањето на социјалните мрежи, во борбата против екстремистичката пропаганда. Граѓанското општество се здружи со државните институции во оваа противпропаганда, бидејќи е очигледно дека сите општествени области на една земја мора да бидат обединети, за да бидат што е можно поефикасни.

Против тероризмот и насилниот екстремизам денес се бориме преку конференции, семинари, работилници, локални, регионални, национални и меѓународни иницијативи; преку проекти во училиште, во стручните центри, преку ТВ, радио или весници; се борат сите земји затоа што мирот, стабилноста и безбедноста се вредност на секоја земја.

Најсилното оружје е знаењето, споделувањето на информацијата со земјите партнери и поврзувањето во една заедничка мрежа.