Шекеринска: Со Бугарија треба да најдеме решение, а не таа да го наметне

Сподели

 

„Договорот што го потпишавме со Бугарија не беше само договор за решавање на проблемите, туку и градење на доверба и на добрососедски односи. Ние вложуваме во тие добрососедски односи и очекуваме тоа да го направи и Бугарија“, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, прашана за коментар за можното бугарско противење на почетокот на македонските преговори за членство во Европската унија

– Дефинитивно одлуките кои што ќе се носат до крајот на годината ќе влијаат позитивно или негативно на тие односи. И тоа нема да бидат само нашите билатерални односи, туку и севкупно, ќе влијаат на регионот. Очекуваме токму државите кои што ги отвараа вратите сега да ја покажат истата волја, истиот интерес и истата желба да помогнат регионот да тргне напред, рече Шекеринска по денешната промоција на Националниот акциски план за имплементација на Резолуцијата 1325 на Обединетите Нации „Жени, мир и безбедност“.

Таа нагласи дека македонската страна го почитува тоа на што се обврзала кога ги потпишала договорите со Бугарија и со Грција, но и дека очекува и соседите да ги почитуваат своите обврски.

– Со колегата Каракачанов има теми околу кои не се согласуваме и најверојатно нема да се согласме, но има една тема за која сме избрани да ја сработиме – регионот во кој што живееме да биде стабилен и безбеден, и нашиот влог кон таа стабилност и безбедност мора да биде добрососедство, решавање на проблемите, и обично резултатите од таа работа се подобри ако разговараме со аргументи и со желба да се најде решение, а не со емоции и со обид да се наметне решение, вели Шекеринска.

Министерката за одбрана потсети дека токму со Каракачанов потпиѓшале неколку договори за интензивирање на одбранбената соработка:

–  Таа одбранбена соработка може да функционира и да дава резултати само ако ние, кои што носиме одлуки, ја храниме со добрососедство.

Шекеринска смета дека во ситуацијата со Бугарија не треба да се биде оптимист, песимист или изненаден.

– Денеска ќе згрешиме ако зборуваме за оптимизам наспроти песимизам. Што ќе се случува во регионот зависи од луѓето и политичарите во нашиот регион. Државите имаат право на свои политики, и тие политики често пати можат да бидат една наспроти друга. Меѓутоа, ако сме се решиле да градиме добрососедство, треба да се трудиме да ги решаваме проблемите, а не да ги зголемуваме. И мислам дека во доменот на нашите одлуки прашањето на изненадување не треба да биде фактор. Ние треба, едноставно, тоа што ни е на масата, треба да го решиме. Истото се однесува за нас, но истото се однесува и за Бугарија – смета Шекеринска.