Што научивме од 30 години „демократија“? – Дени Дагалев

Сподели

 

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

Дени Дагалев

Кога станува збор за демократијата, многумина ќе се согласат со парафразата на францускиот писател и нобеловец Андре Жид, дека сѐ што требаше да се каже, всушност, веќе беше кажано на оваа тема, но бидејќи никој не слушаше, сѐ мораше да се каже повторно. Во продолжение сакам да истакнам дека работата е многу покомплексна. Имено, демократијата (сфатена како владеење на народот) е неспорно најстариот и истовремено најживиот, највибрантниот политички проект, чија примарна цел е да се прошири еманципацијата на поединецот и на луѓето, односно народот. Исто така, тешко е да се негира или тврди дека демократијата може да извира од некој друг политички субјект, а тоа да не е народот. Тоа значи дека демократијата нужно извира и се конституира оддолу.

Меѓутоа, 30 години откако демократијата беше зацврстена во нашиот нов устав, и откако влеговме во фамозниот процес наречен „транзиција“ притоа јасно истакнувајќи ги нашите аспирации за влез во Европската унија, сѐ уште се бориме да ги формулираме, а камоли да ги уживаме основните принципи на демократија (од слободни и фер избори, владеење на правото, граѓански слободи, човекови права, слобода на говор до бројни други принципи-столбови на современата парламентарна демократија).

Дури и Монтескје, кој важи за апостол на модерната политичка (и не само политичка) мисла од периодот на просветителстовото, кој несомнено се смета и за теоретичар-основоположник на современата демократија околу чии принципи се консолидираме двесте и кусур години подоцна, ќе напише: „Тиранијата на принцот во олигархија не е толку опасна за јавната благосостојба како апатија на граѓанин во демократија”. Или пак, неговиот сонародник Жан-Жак Русо, со зборовите: „Слободата е послушност кон законот што човек го поставил за себе”. Во ова светло елоквентно прашање би било: Дали бевме подготвени за демократија и што научивме за неа во изминатите 30 години?

Помеѓу транзиција и трансформација

Таканаречената „транзиција“, која всушност не претставува никаква транзиција (барем не намерна), туку целосна трансформација од социјализам во капитализам дефинитивно остави некои необјасниви промени во реконфигурацијата на македонското општество. Бидејќи, сѐ додека зборуваме со наративот за транзиција, би очекувале да бидеме сведоци на постепено прилагодување (премногу депресивно е да се каже подобрување, имајќи ги предвид 30-те години на транзиција), а не фундаментални промени на целиот политички и економски систем. Сепак, држејќи се до фокусната точка, македонскиот народ (уште еднаш) среде неодамна избувната војна беше предизвикан да ги постави темелите на својот историски сон – самостојна, суверена и независна и суверена Република Македонија.

Официјалниот распад на Советскиот Сојуз и со тоа на социјалистичкиот поредок кој во глобални размери успеа да го засени и направи од секундарно значење падот на системот на самоуправување во Југославија, ги (о)стави Македонија и другите земји од регионот во ситуација на „избор без избор“, првенствено затоа што бевме (конечно) ослободени од апсолутизираниот и универзален светоглед на комунизмот, и консекветно (конечно) слободни да го избереме нашиот пат и судбина. Сепак, тоа во реалноста се преведе така што ние немавме навистина самостоен, независен, суверен момент на избор, освен да го прифатиме патот на најмал отпор, патот на „победничкиот“ капитализам во залет под банерот на либералната демократија која триумфалистички и со еуфорија го наговестуваше „крајот на историјата“ (Фукујама).

Во тој контекст, триумфот на демократијата во јужна Европа само го засили наместо да го доведе во прашање западниот демократски модел.

Структурни функции на капиталистичката држава

Од самите почетоци на капитализмот, процесот на концентрација на капиталот отсекогаш барал концентрација на политичка моќ (моќта во политикологијата се диференцира на моќ како средство за доминација и моќ како позитивна можност; во продолжение на блогот акцентот е ставен на моќта како позитивна можност). На почетокот на ниво на национална држава, во некои случаи во форма на државен-капитализам и диктатура, денес пак сѐ повеќе во рацете на различни институции на „меѓународната заедница“. Дали демократијата како најстар еманципаторичен политички проект ќе може да се сноси со, и воедно создаде соживот со ваквата тенденција на развој на капитализмот е прашањето кое нужно мора да си го поставиме во првите редови.

Бидејќи при конституирање на (национална) држава, содржински (во своите политики) таа не е одвоена од барањата на одреден тип на производство, па така и Република Македонија (о)стана неразделно поврзана со капиталистичкото производство – и обратно: капиталистичката економија е политизирана, односно посредувана (но не и претходно организрана) од организациската моќ на модерната држава.

Sto naucivme od 30 godini demokratijaИзвор: pretsedatel.mk

Еден од четирите структурни а воедно и конститутивни елементи вклучени во секоја политика на капиталистичката држава е демократската легитимација. Останатите три се 1) приватизација на продукција (имотот е приватен; приватната слобода ја надминува политичката моќ), 2) даночна зависност (политичката моќ зависи од даночните механизми и од пазарот на капитал т.е. степенот на приватна акумулација. Инаку, поседувачот на политичката моќ е немоќен), и 3) приватна акумулација (поседувачот на моќ има интерес за промовирање на оние услови што најмногу придонесуваат за акумулација; произлегува од институционалниот личен интерес на државата). Во прилог на блогот ќе се задржам само на елементот на демократска легитимација.

Демократска легитимација за економска капитализација

Денес здраворазумска е идејата дека во парламентарно демократски систем на владеење, само политичка партија доколку добие мнозинска поддршка од електоратот може да ја преземе власта. Сепак, овој механизам само го замаглува фактот дека материјалните ресурси на државната моќ и начините на кои тие се користат зависат од процесот на акумулација, а не од општото гласачко тело. Блицот е во тоа што демократијата во капиталистичката држава е уставно закотвена, а со самото тоа државата не може да се меша во економијата (која е приватна) и обратно, така што од едната страна ја имаме економската клима која е без предрасуди за демократскиот систем, од другата страна демократијата циклично се остварува на избори (1 жител – 1 глас).

Во кратки црти, функцијата на државата е да ја одржува политичката стабилност со цел економската моќ да остане заштитена од политиката. Во спротивен случај, при социјални немири, протести, штрајкови доаѓа до стопирање на производсвото и потенцијална интервенција на државата во приватниот сектор за помирување на односите помеѓу сопственикот на капитал и сопственикот на работна сила, која пак, како што покажав, претставува главна задача и личен интерес на државата – да ги штити и санкционира институциите и општествените односи (Клаус Oфе), кои во рамки на капиталистичката држава (повторно) се јавуваат како можност за класната власт на капиталот. Односно, преко институциите и четирите структурни елементи како средства државата го репродуцира односот помеѓу трудот и капиталот.

Оттука политиката во капиталистичката држава претставува „динамичен аспект на државната структура“, и не самоволие на владетелите. Согласно горенаведеното, политиката на капиталистичката држава претставува целина стратегии со кои постојано се воспоставува кохерентноста и компатибилноста на горенаведените четири структурни елементи на капиталистичката држава. Кристално јасен пример е КОВИД-19 пандемијата и сѐ разбира финаниската криза од 2008 година. Бидејќи во случај на елиминација на само еден структурен елемент, наидуваме на нацизам и/или фашизам, а демократијата е секогаш прва која се жртвува за да се спаси капитализмот.

Што остана од демократското?

Политичките партии, како што напоменав, се главниот политички субјект кои можат да си ја посакаат и воедно придобијат власта. Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

Или пак во случај кога политичарите зборуваат за т.н. јавно добро (утилитаризам), тие всушност зборуваат за одржување на постојната капиталистичка ситуација, па затоа и неретко сме сведоци на нивното гордо најавување на странски инвестиции во предзиборните кампањи, од каде што можеме да заклучиме дека по 30 години демократија ние немаме ништо што е инхерентно демократско, туку сме слепи сведоци на континуиран судир на три олигархиски (а)политички блока кои гледаат на државата како на продолжување на нивните бизниси (и тие на пријателите) притоа пишувајќи си невозможни-за-интерпретација закони и мешајќи се во „независната“ судска власт за да засенат невозможни-за-нашминкување криминални активности.

Tокму тука е изворот на корупцијата и корумпираноста, односно на таа клиентелистичка врска која во одреден период се етаблира во клиентелистичка политичка култура. Во таков случај веќе нема простор за демократска интервенција. Наместо тоа, се јавува постепена деполитизација, јавноста (особена критичката маса) се изолира од каков било дискурс, така што државата станува оттуѓена од самите луѓе и обратно. Во последна инстанца луѓето се откажуваат од својата демократска позиција, која патем ја уживаaт со право.

Нема правда – нема мир?

Кога сме кај правото, во Античка Грција, која важи за светилник на демократијата, заедницата била еквивалентна на политичка моќ. Или како што ќе рече еклатантниот германски политиколог Франц Нојман: „политиката е борба за моќ“. Но, првично, политичката моќ е социјална моќ затоа што се однесува на владеење на човек над човек. Таа станува политичка само во моментот кога е насочена кон државата. Затоа односите на моќта во нашата депресивна демократија денес не можат да се дефинираат со правни односи, бидејќи тие се непредвидливи и донекаде ирационални, па затоа не можат секогаш да бидат исцрпени на рационално ниво.

Бидејќи, таму каде што се среќаваат еднакви права, победува моќта (на капиталот).

Назад, односно напред со поентата, човекот-државјанин во Античка Грција, од друга страна, пак, бил во највисокиот ешалон на таа заедница. Несомнено оттука произлегува тврдењето на Аристотел дека човекот е политичко животно (zoon politikon), односно тврдењето дека секој акт е инхерентно политички.

Блицот овде е во тоа што денес либерализмот, кој како историска мисла во политичката и легалната теорија дава примат на индивидуалната слобода на поединецот во политичкото и правното уредување на општеството, не верува во политичката моќ. Тој поставува граници, правни односи (‘rule of law’), преку кои односите држава-поединец се регулирани и/или предвидливи, а секојдневно воочуваме дека се непредвидливи и во случаи нерационални. Односно, политичката смисла на правото претставува одржување на статус-кво состојбата, а зашто дијагнозата за нашата статус-кво состојба во моментот е депримирачка е евидентно од горенапишаното.

Во кратки црти, токму преку правилата кои догматски ги поставува либералната, правна држава, човекот како zoon politikon е дисциплиниран и се одзема она за што најмногу се залагаше Русо (и не само Русо), а тоа е „општата волја“ (volonté générale) или она што ние денес го користиме за да го симболизираме како волјата на народот. А тоа дали во 1991 година победи „волјата на народот“, претставува прашање кое ретроспективно низ годините само ќе ја илустрира (не)зрелоста меѓу новонајавениот македонски демос.

respublica.edu.mk