Специјалното јавно обвинителство врши детални проверки на имотот на поголем број лица и фирми, за потребите на финансиските истраги што ги води, соопштија денеска од СЈО.
„Пред ова Јавно обвинителство се водат повеќе предистражни постапки кои за цел имаат спроведување на финансиски истраги против поголем број на физички и правни лица. Целта на овие предистражни постапки е да се провери имотната состојба на сите лица за кои се отворени постапки и нивното севкупно финансиско работење. Проверката на имотната состојба подразбира детални проверки за целокупниот имот што лицата може да го поседуваат и тоа, како недвижен, така и движен имот“, стои во соопштението од СЈО.
Оттаму информираат дека се испратени голем број на барања до различни институции, во кои било истакнато дека бараните податоци се во врска со предистражни постапки.
„Укажуваме државните институциите да преземат мерки со кои ќе се оневозможи јавно објавување на податоци за предистражни постапки кои, согласно законските прописи, се тајни. Недозволиво е државни институции да им овозможат увид на лицата за кои се вршат проверки во видот и карактерот на проверките кои ги врши ова Јавно обвинителство, согласно законските овластувања и прописи“, наведуваат од СЈО.
Инаку, пратеникот во Собранието на Република Македонија и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, денеска на својот фејсбук-профил објави фотографии од две барања од СЈО испратени до Агенцијата за цивилно воздухопловство и до Централниот регистар за проверка на неговата имотна состојба.
„СЈО продолжува со нарачаниот притисок врз неистомисленици на Аболицираниот. После моите настапи на ‘Топ Тема’ контра Оливер С. и во Собранието против Заев, прво стигна предупредување од пратеник од СДСМ дека многу зборам, а сега и истрага од Катица Јанева, која ги бара моите авиони и фирми кои ги немам! Само продолжете, нема да нè замолчите!“, напиша Милошоски на „Фејсбук“.