СЈО побара да им се одземат пасошите на двајца осомничени од случајот „Тендери“

Сподели

fatime-fetai

Специјалното јавно обвинителство во текот на вчерашниот ден до Основниот суд Скопје поднело предлог на две осомничени лица од случајот „Тендери“ да им се одземат пасошите и секој вторник во 10 часот да се јавуваат кај службено лице во судот, информираат од обвинителството.

Одземање на пасошите се бара затоа што постојат околности што упатуваат на тоа дека лицата може да ја напуштат земјава.

„Во текот на вчерашниот ден, до Основниот суд Скопје 1, а во врска со истрагата во предметот „Тендери“, поднесен е предлог за определување мерки за претпазливост за две осомничени лица, со кои е побарано од судот осомничените лица да се јавуваат еднаш неделно – секој  вторник во 10 часот кај определено службено лице во Основниот суд Скопје 1. Воедно, за двете осомничени лица побарано е и определување мерка на претпазливост, одземање на патна исправа, поради постоење на околности што упатуваат на опасност од бегство“, пишува во соопштението на СЈО.

Случајот „Тендери“ се однесува на склучување договор меѓу Министерството за култура и фирмата „Бетон“ од Штип за извршување градежни работи на Музејот на македонската борба за државност и самостојност, Музејот на внатрешната македонската револуционерна организација и Музејот на жртвите од комунистичкиот режим.

Градежните работи врз овој објект биле извршени без да се спроведе јавна набавка, односно сведокот, тогаш директор во „Бетон“, усно бил известен од раководно службено лице од Министерството за култура, кое членувало во Комисијата за јавни набавки, дека може да се продолжи со изведба на градежните работи и да не се чекаат 20 дена за да се спроведе јавна набавка.

Од Министерство за култура до „Бетон“, заклучно со  31 декември 2013 година, биле исплатени 54.501.336 денари, истакна вчера на прес-конференција, обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи.

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, пак, вчера по прес-конференцијата на која СЈО го најави случајот, рече дека работата на сите проекти од „Скопје 2014“ е „чиста како солза“, а обвинувањата на обвинителката Фатиме Фетаи ги оквалификува како „трач муабети“ и „рекла-кажала“.

meta.mk