Сметководителите бараат итно преиспитување на одлуката за непродолжување на роковите за завршните сметки

Сподели

 

Комората на сметководители неделава доби известување дека и покрај тоа што сметководителите се загрозени од пандемијата и не можат да ги достигнат роковите, Министерството за економија во чија надлежност се измените на Законот за трговски друштва оценува дека нема потреба од законски измени за пролонгирање на роковите за поднесувањето на завршните сметки и финансиските извештаи. Затоа Комората бара итно и неодложно Министерството да ја преиспита донесената одлуката, бидејќи прецизните и квалитетни податоци се од круцијално значење за точно планирање на расходи и приходи во државниот буџет, а со тоа и навремено сервисирање на доспеани обврски кон граѓаните и правните лица.

Комората на сметководители години наназад укажува на проблемите кои произлегуваат од кратките рокови за изготвување на годишни сметки и финансиски извештаи. Оваа година соочени со здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата сметководителите имаат драстично зголемен обем на работа, а во исто време намалени човечки капацитети и временски ресурси, бидејќи и меѓу нив има лица заболени и во изолација.

 

 

Неопходна беше промена на Законот за трговски друштва со што на сметководителите ќе им се овозможи да ја извршат својата обврска навремено, точно и квалитетно. Иако министерот за економија јавно на национална телевизија најави повлекување на законот и изнаоѓање на решение за проблемот, до Комората на сметководители пристигна одговор од Министерство за економија, каде се вели дека роковите нема да бидат продолжени. За каков квалитет на статистички податоци зборуваме, кога немајќи доволно време за изработка фокусот на сметководителите ќе биде исклучиво на запазување на ригидните и кратки рокови, со што се доведува во прашање анализата и веродостојноста на податоците, а со тоа ќе се доведат во загрозена позиција и сите претпријатија кои подеднакво одговараат за овие извештаи. Во дописот се вели и дека ова барање за пролонгирање рокови, не може да се оствари поради обврска за запазување рок за јавно објавување и доставување до надлежните институции во Европската Унија. За какви рокови зборуваме кога земјите членки на ЕУ имаат подолги рокови. На пример, во Хрватска овој рок е 31.03, во Германија е 30.06, во Франција и во Шведска до 31.07. Минатата година овие рокови беа и дополнително одложени. Затоа јавно бараме и апелираме Министерот за економија да ја преиспита својата одлука и да го исполни јавно даденото ветување дека ќе се најде решение за проблемот со кое ќе имаат бенефит сите засегнати страни “, изјави Драган Митковски, претседател на Комората на сметководители.

Комората бара рокот за хартиено поднесени годишни сметки да биде до 30.04, а електронски да може да се поднесат до 15.05, наспроти сегашните рокови кои во услови на пандемија кога има заболени лица кои не можат да ја вршат работата за малите и средни субјекти, но и самите претпријатија не можат навремено да ги обезбедат и достават документите поради бариерите од кризата кои реално се видливи на терен секој ден.

Александра Андреева член на Управниот одбор на Комората на сметководители појасни дека во одговорот Министерството за економија се повикува на консултации со Министерството за финансии кое исто така смета дека нема потреба од пролонгирање на роковите.

Имајќи предвид дека Министерство за финансии не е надлежно за Законот за трговски друштва каде се бара измена, а следејќи ја економската логика, не може а да не се запрашаме дали за ова министерство полнењето на буџетот е приоритет наспроти зачувување на здравјето и дигнитетот на сметководителите но и на сите претпријатија, како би се обезбедиле точни финансиски извештаи“, изјави Андреева.

Таа појаснува дека согласно донесените уредби со законска сила за финансиска поддршка за исплата на плата за април, мај и јуни, со поднесувањето на годишните сметки и утврдувањето на финансискиот резултат на претпријатијата, започнува обврската за враќање на средствата кон државата. Со одложување на рокот за годишните сметки и овој рок би се продолжил.

 

 

Години наназад Министерството за финансии е глуво за сите проблеми со кои се соочуваме. Наместо одговор на барањата за повлекување на поднесените предлог измени на Законот за вршење сметководствени работи и конечно формирање на работна група за креирање нов квалитетен закон, структури во оваа институција и понатаму крајно пожртвувано и посветено се залагаат за уништување на крвотокот кој е единствената врска меѓу државата и стопанството. Комора на сметководители бара конечно преземање одговорност од страна на Министерот за финансии и ставање крај на перфидните игри во министерството за решавање на проблемите на сметководителите“, изјави Андреева.