СО ХАОС ДО ХАОС – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

mersel-biljali

Избезумените Груевски и Ахмети, водат битка за живот и смрт, за да продолжат да владеат со државата и нашите животи и судбини. Но, и нормалните се` ќе направат за да се спасат од ваква историска несреќа. Двајцата перфектно си делеле братски за нивните братства и фамилии, а за луѓето само страдање. Тие морале да плаќаат казни, рекети, а на некои им беа целосно преземени и бизнисите. А цело време глумат договорен национализам и патриотизам. И сега – вие викајте “УЧК…УЧК”, а ние ќе удриме по двојазичноста. Истата двојазичност за која Горде зборуваше во бомбите – „дури и законот за јазиците треба да им го напишеме!!!” Договорно го правеле Кале, Цар Душан, битката меѓу крстот и орелот, па дури и војна подготвуваа (Куманово). Ги напаѓаат луѓето во срцето за да им ја преземат контролата врз мозокот. Се`со цел да ги сокријат трагите од галопирачкиот криминал. И пак ни се нудат за спасители! Но, тоа веќе не пали. Луѓето спасот го гледаат во нивното заминување и враќање на сите пари. Тоа е спас, не само за демократијата туку и спас од бедата, од сиромаштијата, од газење на човечкото достоинство, од понижување и грабеж.
Двајцата зборуваат со ист јазик – непријатели, предавници и странски мрачни сили. А доволно е да се појават пред огледалото за да се види кои се тие „мрачни сили“ со мрачни умови кои создадоа толкав мрак во човечкиот живот! Сето тоа во име на некаков патриотизам кој е целосно лажен, оти секој што има мозок малце поразвиен од кокошка ќе сфати дека не може да биде македонски патриот тој што иселил над 400 илјади млади македончиња од државата, ниту албански патриот тој што иселил над 200 илјади млади албанчиња. Иселиле способни за да задржат неспособни чии мозоци ги управуваат со далински управувачи. Но, не можете вечно со убаво облечени лаги да ја убивате голата вистина.
Груевски нема да избира средства за да има поволен резултат со кој се надева, на свој спас. Тука се притисоците, корумпирањето на ранливиот слој на населението, силната пропаганда од куртон медиуми, подметнувањата, измислиците и што не! Но, едно е сосема јасно и за внатрешната, но и за надворешната јавност. А тоа е дека тие гласови добиени со лаги, корумпирање и манипулации не се ниту легитимни ниту кредибилни, оти не се резултат на слободната волја засновани врз успесите на власта, тука на лагите, кражбите и манипулациите. Па оттука како такви, тие гласови се незаслужени. Тие се фалсификувани гласови, па оттука граѓаните и опозицијата треба со сите средства да ги оспорат.
На луѓето треба да им се објасни дека ова не е гласање за избор меѓу унитарна и федерална држава, туку меѓу криминално и демократско вледеење; меѓу човечко достоинство и негово газење; меѓу добриот живот и бедата; меѓу напредокот и назадувањето; меѓу нормалноста и ненормалноста; меѓу среќата и несреќата; меѓу татковината и егзодустот; меѓу кражбата и чесноста; меѓу преварата и вистината; меѓу неправдата и правдата; и многушто меѓу. Што и да се случи, можеби опозицијата нема да ни го донесе рајот ама сигурно дека ќе не извлече од пеколот.
Исто така, опозицијата на сите ранливи категории треба да им објасни дека за добиените 60 евра корупција имаат загубено свои 5.000 евра (кражбата и задолжувањето), а можат да завршат и пред суд. Дури и ним, што власта незаслужено ги вработи, треба да им се објасни дека тоа што го добиваат е десет пати помалку отколку тоа што би го имале во услови на нормална власт.
Селата и градовите се празнат налик на библискиот егзодус на Евреите. За 11 години третината на населението исчезна. Дури и Пол Пот од Црвените Кмери може да им завиди. Уште три мандата им требаат, за во државата како резидентни жители, да останат само спомениците. А кај мнозинството од тие што сеуште останаа тука, се чита боја на длабока очајност. Во нивните очи јасно се чита страдање и тешка животна судбина. Во секоја нивна капка солза има океан емоции. Подолго време луѓето се под канџите на голата сиромаштија. Подвижната несреќа е влезена длабоко во нивните души. Владина душевна беда создала општа човечка беда. И сега скоро секој ден гледаме растурени човечки животи, уништени судбини, растажени фамилии и многу самоубиства.
Но, и понатаму Груевски и Ахмети ни се нудат за „спасители“ на државата, која цели 11 години ја силувале и уништувале. Ќе ги „спасувале“ луѓето што самите ги фрлиле во море. Сега многу се грижат за луѓето. Им наоѓаат лек на болните, вид на слепите, душа на умрените. Груевски својот телефон го прогласи за претседател, за премиер, за универзален министер, за јавен функционер. А самиот стана лекар, дијагностичар, фармацевт, економист, гастроном, астроном и врвен архитект. Неговиот министер за здравство го доведе здравството до кома. Неговиот министер за економија ја опустоши економијата. Неговиот министер за образование создаде масовна неписменост. Судството стана смрдлива канализација. Долгот од 2.3 милјарди евра колу што беше пред десет години, сега има стасано до астрономски шест милјарди, а поголемиот дел или залудно е потрошен или украден.
Мора да сфатиме дека овај режим е сличен на талибанскиот и ИСИС-киот. И тие уништија држави, животи, судбинни и култури. Талибанците ги уриваа џиновските статуи три илјади години стари, а ИСИС го уништи наследството од асирскиот град Намруд, 35 века стар. Нашиве талибанци не доведоа до Руанда и Сомалија.
Криминалното водство мора да сфати дека му е дојден крајот. Секое настојување со недозволиви средства повторно да се надеваат на власта, е многу поопасно отколку што може да ја замисли нивната бујна фантазија. Тоа е многу ризично и за нив самите. Не се очекува од нив чесно заминување, оти чесноста кај нив е непознат поим, туку доволно да бидат реални. А сите ние треба да сфатиме дека ако продолжиме да бидеме овци, тогаш волците секогаш ќе сакаат да ни бидат во близина.