Сообраќајните незгоди не се случуваат, тие се предизвикуваат со неодговорно учество во сообраќајот!

Сподели

 

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги потсетува  учесниците во сообраќајот дека сообраќајните незгоди не се случајни,  туку се предизвикани од невнимателно и неодговорно учество во сообраќајот.

Сообраќајните незгоди, за жал, се сериозен проблем на сите современи општества.  Трогателните слики со  смрт и крв на патиштата, кои секојдневно се случуваат на патиштата ширум светот,  се тешки и мачни за гледање, но уште потешко е директно да се сочите со нив и  со нивните последици.

Секој загубен човечки живот носи тага, болка, празнина и тежина на душата за членовите на семејството, роднините и пријателите на починатото лице. Загубените животи во сообраќајни незгоди носат дополнителна болка,  дополнителна тага и тежина затоа што загубите и повредите во сообраќајот се неочекувани, насилни, трауматски, трагични настани.

Товарот на тага и болка што го доживуваат огромен број луѓе како последица на сообраќајните  незгоди е уште поголем ако се има во предвид фактот дека  голем дел од жртвите и повредените лица во сообраќајни незгоди се  деца и млади.

За жал, црната светска и домашна  статистика и понатаму  покажува дека  сообраќајните  незгоди се причина за голем број на  загубени  човечки животи,  голем број на загинати лица и  уште поголем број на повредени лица со трајни телесни повреди,  уништени семејства и  огромни материјални загуби. 

Според  СЗО, годишно,  во светот 1.3 милиони луѓе  го губат животот во сообраќајни незгоди, а 20 до 50 милиони лица се повредени.  Тоа значи дека над 3.500 лица умираат дневно, како последица од сообраќајни незгоди, односно на секои 24 секунди, едно лице,  – нечие дете, брат, сестра, родител, роднина, пријател…. го губи животот во сообраќајна незгода.

Според статистиката, во 2019 година , во  Република  Северна  Македонија , 132 лица го загубија животот  во сообраќајни незгоди,  а 5164 лица се повредени.

Да кажеме стоп за смртта на патишта! Сега и веднаш!  Време е секој да сфати дека сообраќајните незгоди на бираат време,  место и личности.  Сите сме потенцијални жртви! Многу  човечки  судбини денес  ќе беа различни, многу семејства кои денес се обвиткани во црно, ќе беа посреќни и повесели,  многу детски или родителски солзи немаше да се пролеат,   доколку  сите учесници во сообраќајот покажат повисоко ниво на свест, совест,  дициплина и одговорност во сообраќајот.  Да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи!

Во таа насока,  РСБСП со  апел:  Покажи грижа!  Разбуди ја  свеста!   Вози совесно и одговорно!   Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди  има за цел  да се потсетиме на оние кои го загубија животот  во сообраќајни незгоди во минатото,  да им оддадеме почит на загинатите, да дадеме поддршка на тие кои настрадале во сообраќајни незгоди и да извлечеме поука за сериозноста на последиците од сообраќајните незгоди. 

 # ВОЗИОДГОВОРНО!