Денес претседателот на Собранието на Република Северна Македонија имаше свикано работна средба на Работната група за учество на Дијалогот Жан Моне во полн состав, што значи потпретседатели, координатори и претставници на политички партии во Собранието.
На средбата беа присутни потпретседателите на Собранието, Мисовски и Исмаили, координаторите и претставниците на пратеничките групи од СДСМ, ДУИ, НСДП, АЛТЕРНАТИВА, Алијанса за Албанците, БЕСА и претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања. На средбата беа присутни и двајцата надворешни експерти, Јетон Шасивари и Владо Поповски и претставници на стручната служба на Собранието.
Дијалогот Жан Моне е заеднички проект на Собранието со Европскиот Парламент за постигнување на решенија со консензус на сите учесници во Дијалогот. Со оглед на фактот што на средбата, иако уредно поканети, не беа присутни претставниците на Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, претседателот Џафери тоа го констатираше на самиот почеток на средбата, како недостаток кој што не го отсликува духот на овој Дијалог. Изрази уверување дека наскоро ќе го известат за нивниот став по разгледаните членови и на следната средба и лично ќе придонесат во дијалогот, со оглед на тоа што интенцијата е да имаме консензуално решение за Деловник за функционално Собрание за овој и за секој иден пратенички состав.
Присутните на средбата работеа по претходно утврдениот начин на работа, со продолжување на разгледување на членовите од Член 132 до Член 166, паралелно со предлог Деловникот изготвен од Службата. Средбата се одвиваше со конструктивен придонес на сите присутни. Работата се прекина со заклучок дека ќе се продолжи со наредната работна средба која што ќе биде закажана дополнително откако ќе се создадат услови за тоа.