Премиерот Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши денеска ќе одржат нова средба, за тоа дали партијата ќе се приклучи во Владата и парламентарното мнозинство или ќе остане во опозицискиот блок.
Централното претседателство на Алтернатива во петокот го овласти Гаши да почне разговори со сите политички актери, со премиерот и со евентуалниот нов мандатар за да се види каков е нивниот концепт за излез од политичката криза.
Една од најзначајните причини поради кои Алтернатива би влегла во Влада, како што изјави вчера Заев, е да обезбеди стабилна влада и стабилно мнозинство поради почеток на преговори со ЕУ.
-Прво треба да се завршат преговорите за парламентарното мнозинство со Алтернатива. Ако тоа се заврши и јавно објави, ќе се направи проценка со стабилно и зголемено парламентарно мнозинство, кога да се влезе во Парламентот со постапка за избор на Влада со Алтернатива, а во зависност од преговорите со Бугарија, кажа вчера Заев, во изјава за Телма.