Стоилковски: Проширена истрага и во невладината организација „Меѓународен Сојуз“ на Боки 13

Сподели

 

“Октоподот, огромниот рекетарско – политичко – обвинителски октопод е скандал кој што Русковска-обвинителството сака да го ограничи само на прво и на второ осомничените, познати како Боки 13 и Кичеец. Не може да нема проширена истрага која што ќе зафати и во таканаречената невладина на Бојан Јовановски, што ќе открие дали таа била параванот на октоподот и каде се потрошени парите кои што ги добивале таа невладина организација под ставката „донации“ – рече денеска на прес-конференција, Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Обвинителството мора истрагата за рекетот да ја прошири и на невладината организација „Меѓународен Сојуз“, на првообвинетиот Боки 13 и да испита дали и каква улога имала оваа организација во изнудата, заканите и рекетот кој што се правел. Јавноста веќе објави дека индиректно оваа невладина организација добивала сомнителна трансакција есента 2017 година во висина од 750 илјади евра од битолски бизнисмен. Внимавајте овој бизнисмен кој поседува градежна фирма платил толку пари на една повозрасна госпоѓа за идеја за изградба на социјални станови. Тоа му доаѓа како за идеа за топла вода да се плати стотици илјади евра. Оваа госпоѓа патем е дел од структурите на организацијата на Боки 13, исто како и голем број на функционери на СДСМ или нивни блиски роднини. Да потсетиме во организацијата на Боки 13 членуваат и Фросина Ременски која е почесен претседател во невладината, Костадин Костадинов кој што е портпарол на СДСМ, Енвер Малиќи заменик градоначалник на Град Скопје, Владо Богоев татко на градоначалникот на општина Карпош во Скопје, Стефан Богоев и други – потенцира Стоилковски.

Тој додава дека Русковска – обвинителството мора да открие колку други бизнисмени платиле огромни суми на оваа организација под сомнителни околности и која била улогата на функционерите на СДСМ во делувањето на Боки 13.

Обвинителството и да не сака, мора да го расчисти овој мега скандал, и во најмала рака, до сега требаше да ја приведе Катица Јанева, но и уште десетици други ликови од СДСМ. Не може Јанева да биде изземена од скандалот, од криминалот, особено од фактот дека и е одземен телефон односно телефоните кои се дел од истрагата. Таа очигледно е вмешана во овој криминал. Не може да бидат изземени десетици други ликови од СДСМ кои имале тесна соработка со Бојан Јовановски. Целата вистина за октоподот е невозможно да се открие без сознанија и за тоа кои се Кики, Фрики, Шеки, Раки и сличните раскажани ликови. Јасно е како ден дека Боки 13 сам без заштита од власта и без поддршка од институциите не можел да изнудува огромни суми на пари. Молкот на Русковска – обвинителството само го расне сомнежот дека се обидува да ја сокрие високата корупција и вмешаните во овој огромен скандал” – рече Стоилковски.