Oфицијално барање до ректорот на УКИМ за средба, во понеделник испрати „Студентскиот пленум“. Пленумците на овој состанок сакааат да дискутираат за постапката за избор на нов ректор, која според пленумот е закочена поради нелегитимноста на студентските претставници во раководните органи на универзитетот.
„Студентското организирање е многу значајна тема во земјата и соодветно треба да се адресира од сите засегнати страни во овој процес. Ректорот, во согласност со статутот на УКИМ, носи одговорност за законитоста и за статутарноста на сите одлуки во Универзитетот и со таа цел му се обраќаме“, стои на официјална фејсбук-страница на пленумот.
Студентите велат дека во изминатиот период повеќе студентски организации утврдија противправност на студентските претставници во ректорската управа и во универзитетскиот сенат. Мандатот на претседателот на СПУКМ, кој е член на ректорската управа, е истечен веќе втора година, а избори за претседател на СПУКМ последен пат се распишани во 2012 година.
„Претседателството на парламентот не одржува седници и нема никакви информации дали воопшто Собранието на СПУКМ се собира и носи одлуки. Дополнително загрижува измената на студентски делегати во сенатот која не е јавно обзнанета, а извршена од студентските парламенти со истечен мандат. Токму оваа нелегитимност на студентски претставници во овие тела го оневозможува изборот на ректор на Универзитет Св. „Кирил и Методиј“ и спорен е целокупниот процес. На овој состанок би сакале да Ви ги презентираме сите наши наоди и видувања во врска со постапката за избор на ректор на УКИМ, а за изнаоѓање заедничко решение преку кое ќе се надмине проблемот со студентските места во раководните органи на универзитетот, без притоа да му се нанесе штета на универзитетот и на студентското организирање“, се вели во соопштението.
Од пленумот додаваат дека иако се свесни за краткиот рок за оваа средба, сепак го замолуваат ректорот да им излезе во пресрет и да се сретне со нив на 13 јуни.
„Го очекуваме Вашиот одговор на следнава адреса: inicijativanastudenti@gmail.com во кое било време кое во согласност со Вашите работни обврски е соодветно за одржување на состанокот“, пишува на фејсбук-страницата на „Студентски пленум“.