Судии и обвинители на обука за препознавање, спречување и борба против говор на омраза

Сподели

Хелсиншкиот комитет за човекови права, во рамки на проектот „Зајакнување на националните заштитни механизми против говор на омраза во Република Северна Македонија” финансиран од страна на Европската унија организираше обуки за зајакнување на капацитетите на судиите и јавните обвинители за постапување во случаи на говор на омраза.Обуките се одржаа во Велес и во Попова Шапка од 29 септември до 1 октомври и од 2 до 4 октомври, 2024 година.

Обуките беа наменета за јавни обвинители и судии од четирите апелациони подрачја и кандидати на Академијата за судии и јавни обвинители. Главната цел на обуката беше зајакнувањето на капацитетите и унапредувањето на знаењето за препознавање, спречување и борба против говорот на омраза, за постапување во случаи на говор на омраза и собирањето докази, со посебен фокус на најдобрите практики на Европската Унија, особено на судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

Главни теми на кои работеа учесниуците на обуката беа концептот и елементите  на говор на омраза, националната рамка за говор на омраза (Кривичен законик), моментално и потенцијално законско решение, постапување и собирање (електронски) докази и споделување на информации, како и улогата на МВР во борбата против говорот на омраза. Потоа, стандарди на ЕСЧП во предметите на говор на омраза, како и европско законодавство и стандарди на ЕУ за говор на омраза.

Обучувачи беа Проф. д-р. Елена Михајлова-Стратилати, јавната обвинителка Ленче Ристоска и Марија Ѓошева-Крстески, експертка со долгогодишно искуство во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика.