Судскиот совет на РС Македонија, нема намера со никого да „војува“, а најмалку со ресорниот министер за правда, Кренар Лога. Ваквата реакција на Судскиот совет доаѓа по повод вчерашните настапи на министерот Лога, а особено по синоќешното негово телевизиско интервју, во кое тој изјави дека е во “отворена војна“ со Судскиот совет.
Членовите на Судскиот совет потенцираат дека министерот, кој по функција е член на Советот, секогаш е добродојден на седниците на ова тело, каде може отворено да се дискутира за сите отворени на прашања и проблеми во судството. Впрочем, од страна на службите на Судскиот совет редовно му се испраќаат материјали за секоја седница.
Советот потенцира дека ги прифаќа сите добронамерни критики на своја сметка и на адреса на судството, но не може да дозволи министерот за правда да излегува од своите надлежности и да кажува како треба и што да работи Советот.
Судскиот совет функционира во согласност со своите законски надлежности и секој обид за директно мешање во неговата работа, ќе се толкува како „упад“ и притисок на претставник на извршната врз судската власт, информираат оттаму.