Вечерва (4 септември) е светската премиера на најновата композиција од Дарија Андовска во Сараево, Босна и Херцеговина, во изведба на Оркестарот „Без граници“ („No Borders Orchestra“), под диригентската палка на маестро Премил Петровиќ.
Станува збор за нејзината најнова композиција „Apoptotic Bodies“ за гудачки оркестар и фиксен медиум, напишана по нарачка од овој оркестар за нивната турнеја „Turning Point Tour“.
На оваа турнеја, освен композицијата на Андовска, ќе бидат изведени уште три нови композиции од едни од најреномираните и истакнати композитори од регионот: Нина Перовиќ (Црна Гора), Давор Бранимир Винче (Хрватска) и Марко Никодијевиќ (Србија).
Со светската премиера на овие нови композиции во Сараево започнува и балканскиот дел од турнејата, а на 6 септември продолжува во Нови Сад.
Се очекува оваа програма да се сними и да се издаде на носач на звук од „Дојче грамафон“.
Веќе на 12 септември, во Галеријата МЦ (MC Gallery) во Њујорк, Иван Наумовски – баритон и Ана Гацева – пијано, во рамките на својот рецитал, ќе изведат четири композиции од циклусот „Песни од татковината“ на Андовска.
Дарија Андовска е една од најплодните, најреномираните и најизведувани македонски композитори на светските подиуми. Таа е редовен професор на Факултетот за музичка уметност – Скопје при УКИМ, каде што ја извршува функцијата декан.