Светска премиера на „Врба“ од Манчевски на Филмскиот фестивал во Рим

Сподели

 

Филмот „Врба“ на режисерот Милчо Манчевски ќе биде дел од официјалната програма на Филмскиот фестивал во Рим, кој ќе се одржува од 17. до 27. октомври.

Светската премиера на шестиот долгометражен филм на Манчевски ќе биде на 19. октомври.

 

 

„Филмот е за три млади мајки. Едната приказна се случува ви средниот век во Македонија, а другите две приказни се современи. Приказните се надополнуваат, се отсликуваат, а истовремено се и контраст една на друга. Се работи за љубовни приказни, во кои главната тема е лојалност, меѓутоа и односот на општеството кон поединецот, но и на поединецот кон општеството“, рече Манчевски.

 

 

„Врба“ ќе биде прв македонски филм во официјалната програма на овој реномиран Фестивал, каде оваа година ќе се прикаже заедно со некои од најславните светски филмски имиња. Меѓу нив е и новиот филм на Мартин Скорсезе, „Irishman“, документарецот „Павароти“ на Рон Хауард, како и „Motherless Brooklyn“ на Едварт Нортон, кој ќе го отвори Фестивалот.