Светските лидери го осудија Иран кој со дронови го нападна Израел

Сподели

Иран синоќа лансираше стотици беспилотни летала и крстаречки ракети кон Израел како одмазда за нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск, во кој загинаа командантот на Револуционерната гарда во Сирија и Либан, Мохамад Реза Захеди и неговиот заменик, како и пет офицерите кои ги придружувале.

Командант на ​​иранските вооружени сили изјави дека нападот врз Израел во текот на ноќта ги „постигнал сите негови цели“. „Операцијата „Искрено ветување“ беше успешно спроведена од вчера вечерта до утринава и ги постигна сите нејзини цели“, рече генералот Мохамад Багери на телевизија, прецизирајќи дека ниту еден градски или економски центар не бил цел на ирански беспилотни летала и проектили.

Лидерите на институциите на Европската Унија во објави на социјалните мрежи упатија остра осуда на иранските напади врз Израел.

“Остро го осудуваме нападот што Иран го започна врз Израел. Мора да се направи се за да се спречи понатамошна регионална ескалација. Мора да се избегне натамошно крвопролевање”, напиша претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел во објава на Икс.

Американскиот претседател Џо Бајден ги осуди иранските напади врз воените објекти во Израел, ветувајќи координиран дипломатски одговор од Групата седум (Г7) и ја нагласи помошта на Соединетите Американски Држави во соборувањето на „речиси сите“ напаѓачки дронови и проектили.

Бајден, кој го прекина патувањето во Делавер и се врати во Вашингтон за да се сретне со советниците за нападот во саботата доцна навечер, во соопштението објавено од Белата куќа рече дека американските сили и објекти не биле погодени.

Американскиот претседател рече дека ја повторил својата „железна“ поддршка за безбедноста на Израел во разговор со премиерот Бенјамин Нетанјаху, со кого имал затегнати односи поради израелското справување со војната во Газа.