Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ заминува на балканска турнеја чие мото е „Танец – 75 години македонски код“. Во рамките на турнејата, „Танец“ ќе има концерти во Подгорица, Љубљана, Загреб и во Бања Лука.
– Публиката во регионот секогаш знаела да ја цени извонредноста на „Танец“ и со сигурност нестрпливо ги очекува овие уникатни музичко-сценски спектакли, што секогаш ги премостуваат културните разлики и сведочат за обединувачката моќ на раскошниот македонски музички фолклор. На претстојните концерти во Подгорица (20.9.2024), Љубљана (22.9.2024), Загреб (24.9.2024) и Бања Лука (27.9.2024), на големите сцени на КИЦ „Будо Томовиќ“, „Цанкарјев дом“, „Ватрослав Лисински“ и салата „Борик“, ќе биде изведена раскошна музичко-сценска програма од различни периоди на Ансамблот, во која ќе бидат одиграни изворните ора „Тешкото“, „Женско Чамче“ и „Копачка“, како и дел од богатиот кореографски опус на Танец – спектакуларните кореографии „Жетварка“, „Мариовска тресеница“, „Малешевка“ и „Радовишки собор“ – информираат од „Танец“.
Од Националната установа додаваат дека нема да изостане и богатата вокално-инструментална програма на оркестарот и хорот на „Танец“, заедно со првенката Сузана Спасовска, кои за публиката ќе исполнат повеќе антологиски песни од богатата ризница на македонскиот народ.
Турнејата е во рамките на јубилејната година на Ансамблот, кога се прославува 75-годишнината од основањето, и таа, како и другите концерти во сезоната, се одвива под мотото „Танец – 75 години македонски код“.
Во текот на овие 75 години, Ансамблот „Танец“ има настапувано на најпрестижните сцени на целата Земјина топка, со над 5 000 незаборавни концерти. На неговиот репертоар се наоѓаат над 90 кореографии и неколку стотици вокални и инструментални дела, преку кои Ансамблот презентира различни музички и кореографски традиции од сите краишта во кои егзистирал богатиот македонски фолклор. Ансамблот поседува и извонредна колекција од 3 000 автентични носии со исклучителна вредност и убавина, што секој негов настап го претвораат во посебно аудиовизуелно доживување.