Таравари: Анализите за починатите на Инфективна се прават во Тирана и во Приштина

Сподели

Министерот за здравство, Арбен Таравари, вели дека анализите за причините за смртта на двајцата гостиварци, кои починаа на Клиниката за инфективни болести, засега се прават во Тирана, Приштина и во Скопје.

– Ако резултатите од овие анализи се исти, нема да бараме дополнителни. Но, ако не се совпаѓаат, ќе побараме дополнителни анализи во лаборатории во други земји – вели министерот.

Таравари, кој е на службено патување во САД, се обрати преку видеопорака на „Фејсбук“, во која изрази сочувство за смртта на двајцата гостиварци.

– Вчера се состана Комисијата за заразни болести и се преземени сите мерки што треба да се преземаат во вакви ситуации. Другите седум луѓе што се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести се во стабилна состојба и надвор од секаква опасност – вели Таравари.

Тој информираше дека ситуацијата е под контрола, дека нема простор за паника и нагласи дека не е етички, ниту човечки смртните случаи да се користат политички.

Вчера од Клиниката за инфективни болести соопштија дека во изминатите неколку дена починале двајца мажи на возраст од 23 и 50 години, чии симптоми одговарале на повеќе болести, а официјалната причина за смртта ќе се знае по спроведените анализи.

meta.mk