Пред повеќе години, еден странски претставник кој имаше задача да работи за да се воспостави елементарен дијалог и функционализам во државата во услови на примитивен национализам, изнервиран полугласно си кажа – „All of you are an abortion of nature“ (сите вие сте абортус на природата)! Бил во право, оти сите ние зборевме за иднината со јазикот на минатото.
Пред некој ден, унгарскиот премиер Орбан кој сега председава со Советот на ЕУ, испрати писмо до претседателот на Европскиот совет – Шарл Мишел, во кое тoj инсистира на разговори со Кина и Русија низ една „мировна конференција“. Поинаку, војната би се засилила! Неговата соло-турнеја низ Киев, Москва и Пекинг, страшно го налути западниот свет, кој и така стравува дека со доаѓањето на Трамп на чело на најмоќната држава на светот, Путин би добил ветар во грб, а и бројни други автократи би ги триеле рацете. Со масовна глорифицирање на глупоста светот опасно би се изложил на безбедносен ризик.
Но, сепак Орбан наместо некаков орден за заслуга, тој доби шлаканици. Европарламентарци бараат одземање право на глас на Унгарија, а министрите за надворешни работи на бројните држави ЕУ членки се подготвуваат да го бојкотираат министерскиот состанок предвиден за 28-29 август.
Пред неколку дена Орбан се сретна со Трамп во неговиот имот „Мар-а-Лаго“ во Флорида. Орбан сподели фотографија со натпис: „Разговаравме за начините за постигнување мир. Добрата вест на денот: тој ќе го реши “! Но, Трамп тешко ги меморира лидерите на малите држави, па недавно тој ќе изјави дека „се сретнал со Виктор Орбан, кој е лидер на Турција“! Ама сепак Орбан со петни жили се бори за да влезе во трампово диоптриско поле, со цел да ги зајакне своите веќе видно ослабени позиции во ЕУ и пошироко.
Самитот на НАТО
Во ситуација на знаци на внатрешна разединетост внатре во САД, и кога Бајден веќе не е свесен за неговиот ментален капацитет, победата на Трамп нема да биде задоволство само за конзервативците, туку тоа ќе значи свежа крв за сите популисти, ауторитаристи, путинисти и ектремни десничари во Европа и светот. Но, познавачите се на мнение дека американската длабока држава сепак нема да дозволи да се дејствува надвор од црвените линии. Поинаку трамповиот „24 часовен мир“ со Русија може да заврши со 24 годишна војна во Европа и пошироко. Одлуката на последниот самит е дека Украина мора да се поддржи со сите средства, дури дека ќе треба да стане дел од НАТО. Тоа е јасен став дека и со Трамп, западните држави не се за големи компромиси со Русија. Башка што бројни американски центри н моќ се на таа линија дури и Трамп да победи. Тие се свесни дека Русија веќе е на работ на исцрпеност, па затоа сега имме промената на западниот став во насока на украинска неутралност. НАТО веќе одлучи да и додели на Украина цели 61 милјарди долари. Државите членки договорија 40 милјарди долари за оружје за Украина, вклучително и инсталирање на ракети Томахавк СМ6 (со долг дострел), Сингер, Патриот, Ф-16, итн. Да не заборавиме дека буџетот на НАТО е 11 пати поголем од вкупниот воен буџетот на Русија, а на економски план, членките на НАТО се 60 пати посилни oд Русија, која веќе е во тешка состојба. Оттука, играта на Орбан, што сега е можна само со слаби држави како што сме ние може да има „пердув тежина“.
Зетот на Трамп!
Постои уверување дека зад секоја средба што го прави Гренел е спонзориран од Трамп! Во последно време, Гренел за кого се мисли дека ќе има висока функција во администрацијата на Трамп, самиот или во придружба на зетот на Трамп – Џаред Кушнер, воделе разговори за тешки милјарди инвестиции во Албанија и Србија. Меѓу амбициозните проекти е трансформацијата на албанскиот остров Сазан, некогаш воено упориште, во луксузно еко-одморалиште во вредност од повеќе од една милјарда инвестиција. Островот е три милји од крајбрежјето и опфаќа 1.400 хектари екзотична природа и чисто море. „Водата е кристално сина како Малдивите. Плажите се неверојатни и тоа е само едно од овие посебни места“ – ќе изјави Кушнер.
Поинаку, Светската туристичка организација на Обединетите нации (UNWTO), ја оценуваат Албанија како најбрзо растечка туристичка дестинација во Европа, позиционирајќи ја истата заедно со земјите со масивен светски туризам како што се Катар и Саудиска Арабија. Истовремено Кушнер работи за една голема инвестиција во Србија. Имено, тој планира на местото на бившиот генералштаб во Белград, напуштена по бомбардирањето на НАТО во 1999 година, да инвестира во изградба на луксузен хотел, трговски центар и над 1.500 резиденции. Времето ќе покаже со што ќе резултират ваквите силна инвестиции во двете важни држави од западен Балкан!
Британија се враќа во ЕУ?
Меѓувремено, новиот британски премиер Кир Стармер (за кого многумина мислат дека земјата ќе ја врати во ЕУ), свика состанок на Европската политичка заедница, што ќе се одржи деновиве во Британија, каде покрај бројни лидери на Европската унија, ќе има и оние на Велика Британија, Норвешка, Исланд, Грузија, Косово, Србија, Турција и Албанија. Тука Македонија ја нема никаде! Пораката е дека Британија како домаќин на над 45 европски лидери, сака да ја врати довербата кон ЕУ и светот, после популистичката хаварија на тој Борис Џонсон со Брегзит автобусот. Сега него никаде го нема со ветените „зштедени британски милјарди“ штом ја напушти ЕУ! Изостанувањето на Македонија е ептен чудна работа, и одговорот треба да се бара внатре, оти сите нејзини „постапки“ за комплицирање на веќе решените проблеми, за игнорирање на постојните, и за кокетирање со Унгарија, водат кон тоа дека ова држава има многушто заеднико со „ЕУ црната овца“ Орбан! Тоа веројатно добро треба да го знае Мицунски кој иако млад изгледа има добро познавање на состојбите, но тие со поголема политичка сила сепак играат поинаку! Тешко разбираат дек бродот го терат кон опасен водопад. Дури и Трамп да е власт, кој веројатно ќе ја меша Македонија со Каледонија, ние не добинаме ништо. Напротив! Постојната власт за малку заедно со Унгарија, Србија и Словачка, спротивно на ставовите на ЕУ и САД ќе ја поддржувала Декларацијата во Советот за човекови права на ООН за Грузија (за „странските агенти“)! Да се надеваме дека се работи само за сојузништво во обид и дека земјата ќе са врати кон природниот курс. Нејзе и се потребни суштински реформи согласно силни механизми на мерит-системот. Судскиот совет и Советот за јавни обвинители први треба да се распуштат, но избор на нови само со силни непартиски механизми и директен странски мониторинг. Сите ние мора да разбереме дека модерната иднина на младите не се гради со диктати од вековни гробови. Башка што никој не се родил иднината да ја бара во минатото. Впрочем, никој се нема вратено да живее во минатото. Подолг период, со лоша политика не создаваме живот, туку тест за издржливост.