Тркалезна маса за промена на изборниот модел во една изборна единица и отворени листи

Сподели

 

Денеска во Собранието на РС Македонија ќе се одржи тркалезна маса на тема „Промена на изборниот модел од шест во една изборна единица и отворени листи“.

Тркалезната маса е со цел јакнење на плуралноста на македонската политичка сцена и демократизација на самиот изборен процес, како и за демократизација на целото општество, а во организација на Иницијативата за една изборна единица, во која се вклучени 12 пратеници.

Помалите политички партии го отворија прашањето за промена на изборниот модел со една изборна единица кој би овозможил еднакви шанси на изборите и за нив, а не само за поголемите партии. Четирите најголеми политички субјекти во земјава имаат различни ставови во однос на изборниот модел.

Владејачката СДСМ бара воведување една изборна единица со отворени листи, според ВМРО-ДПМНЕ граѓаните најдобро ќе бидат претставени со мнозински изборен модел, за ДУИ најдобар е системот со шест изборни единици, додека Алијанса за Албанците е за осум изборни единици.

Седница во Парламентот денеска ќе одржи Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на која на дневен ред е Предлог-закон за правата на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението во земјата, во прво читање.