ЦИВИЛ: Стоп за славеничкото пукање. Твојот куршум може да убие некого!

Сподели

Поради славеничкото пукање, за жал, во земјава неретко се случува радосните моменти да завршат трагично, со загубени човечки животи или со повредени лица. Се пука на секоја радост, на веридби, свадби, крштевки, сунети, бабини, матури, дипломски прослави, па и на постизборни победи.

Пред еден месец, 35-годишен скопјанец беше повреден од заталкан куршум додека возел велосипед во Чаир. Во билтенот на МВР постојано има вести дека зрно од огнено оружје заврши во кров на куќа, на тераса, на хауба, во двор…

„Веселите пиштолџии“ несакајќи стануваат убијци и на свои блиски, на брат, братучед, зет, сестра, внука, жена, сосед… по што настапува каење за испуканиот куршум, но згаснатиот живот не може да се врати, а законската санкција не може да ја излечи болката.

Меѓутоа, можеме сите заедно да извлечеме поука од оваа трагедија. Испуканиот куршум мора некаде да заврши.

Затоа, како што ЦИВИЛ постојано ги потсетува луѓето – пред да го повлечеме чкрапалото, треба да размислиме дека можеби токму тој куршум ќе заврши во некое дете, човек, пријател, роднина, комшија…

Неброено многу пати, ЦИВИЛ гласно апелира да се преземат чекори за справување со култот кон оружјето и со праксата на славеничко пукање. ЦИВИЛ е организација ветеран во најзначајните меѓународни платформи за борба против оружјето, пролиферацијата на нелегалното оружје и култот кон оружјето и оруженото насилство.

И како организацијата и како дел од Меѓународната акциона мрежа за борба против нелегалното оружје, ЦИВИЛ апелира до сите домаќини и организатори на семејни и други веселби да ги заменат (легалните и нелегалните) пиштоли и куршуми со легални и безбедни начини на одбележување на нивните настани.

Исто така, ЦИВИЛ потсетува дека славеничкото пукање е забрането со закон и е дел од традиција која им припаѓа на минатите векови. Куршумите не се средство за комуникација со кое соседството се информира за радосната вест.

ЦИВИЛ смета дека МВР не е единствената институција што може да придонесе во контрола на оружјето и за намалување на последиците од истото. Во акцијата против култот кон оружјето и славеничкото пукање треба да се вклучат и медиумите, верските лидери, владата и локалната самоуправа, кои директно можат да придонесат во едукација и јакнење на јавната свест, како и кон превенција од овие трагични случаи. Кампањите мора да се насочат не само кон последиците од поседување на нелегално оружје и негово користење, туку, вклучително и од поседување и на оружјето воопшто.

МВР води кампањи, презема акции, но тие очигледно не се доволно видливи и ефективни. ЦИВИЛ бара од МВР да преземе конкретни мерки и да воведе строги санкции за (зло)употребата на оружјето како дел од прославите, за да се спречат понатамошни трагедии.