Турскиот суд ја одби жалбата на одлуката за блокада на пристапот до Википедија

Сподели

Судот во Анкара ја одби жалбата на фондацијата Викимедија, во рамките на која работи интернет-страницата Википедија, а жалбата се однесува на забраната за пристап на таа интернет-страница на подрачјето на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).

Министерството за транспорт, поморство и врски на Република Турција кон крајот на минатиот месец го блокираше онлајн-пристапот до енциклопедијата Википедија, поради статија и коментари со кои Турција е ставена на исто ниво со разни терористички организации, и поради наводите дека оваа земја соработува со терористите.

Според информациите од турското министерство, до Википедија е упатено предупредување да ги отстрани статиите и коментарите во кои Турција се изедначува со различни терористички организации и се обвинува за соработка со нив.

Турските официјални лица наведуваат дека каналите за комуникација со Википедија биле константно отворени, но водството на онлајн-енциклопедијата не покажува волја спорните содржини да се отстранат.

„Наместо да се бори против тероризмот, Википедија стана извор на информации за круговите кои водат валкана кампања против Турција на меѓународен план. Поради тоа е упатено барање да се блокира пристапот кон оваа страница“, се порачува од министерството.

Кога ќе се отстранат спорните содржини поврзани за Турција, пристапот кон оваа енциклопедија ќе биде повторно отворен.