Народното собрание на Република Турција синоќа го ратификуваше протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО.
– Благодарност до Турција за вечерашната ратификација на нашиот НАТО протокол. teşekkür ederim!- објави на својот фејсбук-профил министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Ратификацијата на Протоколот ја потврди на „Твитер“ и шефот на турската делегација во Парламентарното собрание на НАТО, Осман Ашкин.
– Големото Народно собрание на Турција го комплетираше ратификациониот процес на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Како и досега, Турција ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија во евроатлантскиот-интегративен процес – напиша Ашкин на Твитер.
Досега 19 од 29 држави го ратификуваа Протоколот и дадоа зелено светло за пристапување на нашата земја во НАТО Алијансата.