Условен датум за почеток на преговори со ЕУ во јуни 2019 година

Сподели

Старт на преговори со Европската Унија во јуни 2019 година, доколку Македонија го одржи реформскиот напредок особено во делот на итните реформски приоритети, одлучи Советот на министри на ЕУ по долгата дебата за проширување, на која се разгледуваа препораките за преговори за Македонија и Албанија.

Советот на министри очекува следната година Европската Комисија да издаде извештај во кој фокусот треба да биде ставен врз реформата на јавната администрација, борбата против корупцијата, судските реформи и реформата на разузнавачките служби.

Во јуни 2019, доколку е задржан реформскиот момент во Македонија, многу брзо потоа ќе се свика првата меѓувладина конференција на која фактички ќе започнат преговорите.

Во меѓувреме Европската Комисија изрази желба да започне со подготовките за преговори, нешто што Советот на ЕУ го прифаќа.

Франција и Холандија одбиваа секаков датум за преговори за Македонија, бидејќи сметаат дека реформскиот напредок е премногу свеж и сè уште не дал трајни резултати. По напорни дискусии со другите земји членки пронајден е компромис сепак да биде внесен датум, но под гореспоменатите услови.

Слично условување доби и Албанија, која исто така би можела да ги започне преговорите пред крајот на 2019 година.