Гадењето, мачнината, повраќањето, може да се јават не само како проблеми од физиолошки карактер, туку и заради психолошки причини, односно заради „терор“ врз мозокот. А, ми се чини дека во ова наше краставо и шугаво време кое смрди од лаги, измами и криминал, ништо не е понепријатно и погадно од менталниот тероризам на адептите на портокаловиот снобизам и хедонизам кои се прпелкаат во леглото од луксузи, зла и перверзии.
Ете, зарем не ви е грозно да живеете во калта од насилство, закани, кодошења, уцени, присилувања за митинзи и контрамитинзи…? Немате скомраз кон сликите со икони на митизите на злото и глупоста и кон палење свеќи пред имињата и ликовите на овие наши портокалови празноглавци од удобните министерски и директорски фотелји? Зарем не е крајно бесмислено, глупаво и одвратно да клечите и да се поклонувате пред овие мали луѓе и крупни криминалци од власта како пред некакви божества? Зарем не ви се смачи од разни глупави теории на заговор, кои, неуморно, ги шират разни портокалови клисари кои живеат од мирисот на темјан, од митови, од комплоти, од празно дрдорење и, секако, од парите кои за сето тоа ги добиваат од својот Пастир? Зарем не се чувствувате тегобно затоа што покрај нашиве архимандрити на Пријап, сте пристојни, прибрани, чесни и совесни? Зарем сето тоа, сета одиозност која ја чувствувате не ви е доволна за да речете: Доста е? Ако не ви е доволно згадено, тогаш, можеби, не е во ред нешто со вас? Зарем не?
Зарем не чувствувате делириум од гадење, од горчина, од трескавична и незадржлива омраза за ова постепено, секојдневно и масовно, безумно умирање за интересите на братучедите и нивната партиска камарила? Зарем, сè уште, не ви се згади од тоа што умираат деца додека некои уживаат во лудачко скапи мерцедеси, не ви се згади од брендираните баснословно скапи наочари за сонце, од плацовите и вилите низ Скопје, од безобрзлукот со кои се нарачуваат шамари за градоначалници, од „течењето низ ногавици“, од партизирани државни институции, од диригирани телевизиските вести, од лигави користољубиви конвертити и полтрони, кои како политички и економски аналитичари, ја бранат мафијата, од изборни кражби, уцени и закани, од кроење на политиката со помош на гатачки, од ароганцијата на партиските ретардирани силеџии и, уште повеќе, од подлостите и националните предавства на недопирливите партиски функционери? Не ви се згади од заташкани убиства, од сомнителни самоубиства на сведоците против мафијата, од инспекциски и полициски тортури врз политичките неистомисленици, од медиумски и правни хајки против студенти кои протестираат, од тепање на антивладини демонстранти, од трошење за чоколадо кога се нема нуту за леб, од провоцирање на етнички инциденти во кои, дури, гинат полицајци, од квазипатриоти кои десет години коалицираат со „терористи“ и меѓусебно си делат тендери и бизниси, од гипс-картонот и кич градбите низ Скопје? Зарем сте се претвориле во слабоумни склеротичари и малодушни страшливци, па од сè ова не ви е доволно згадено за да речете: Доста е?!
Зарем не ви е грозно и гадно кога слушате како од партиска предизборна говорница се повикува „сите заедно и христијани и муслимани… на 11-ти декември да ги одбраниме идеалите на 11-ти октомври!“ од луѓе кои со години плукаат по антифашистичката борба, за кои најпогрдниот збор за негативна стигматизација е „комуњар“ (а, комунистите го организираа 11 Октомври), од луѓе кои ги демонизираат партизаните како „србокомунисти“, а нивната власт во поранешната социјалистичка татковина ја етикетираат како „злосторство“ против Македонците? Зарем вам Македонци, кои си ја сакате сопствената држава и немате резервна, не ви се одмили ова дволично квазипатриотско крдо кое има своја резервна држава во лицето на „мајка Бугарија“, не ви се згадија овие одроденици кои додека чекаат да се случи „аншлусот“ купуваат имоти низ светот, а, онака попатно, нè ограбуваат и уништуваат нас тука? Навистина, не ви се згади од сето ова грандиозно лицемерие и овој камелеонски и антимакедонски „патриотизам“? Не? Тогаш, или имате проблем со својата национална самоидентификација, или со сопствената интелигенција, или со внатрешните моралните вертикали кои ве одржуваат исправени како луѓе.
По оваа евидентна национална и културно-цивилизациска инволуција на нашата земја и моралната дисторзија на нашите луѓе, по толку многу страдање, ужас и срам кои го проживеавме за време на „преродбата“, јас, сепак, мислам дека настапи време на гадење над нашата скандалозна заостанатост, изолираност, ненормалност, криминализираност… Затоа, крајно време е да го осудите и казните сè она што ви предизвикува гадење и да се случи една катарза на разумот и духот од која ќе започне движењето кон вистинските потреби на нацијата, државата и луѓето.