ВИСТИНАТА И БОРБАТА ЗА НЕА – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Вистинитоста означува еднаквост, поклопување на содржината на некој исказ со состојбата на нештото што тој израз го изразува. Затоа вистината, се дефинира како поклопување, изедначување на умот и стварноста (adaequatio intellectus et rei). Оттука вистината, онаа логичната вистина, пред сè, се наоѓа во изразите, тврдењата и судовите кои се изрекуваат и со кои се опишуваат објективни состојби на нештата. Всушност, ова е аристотеловската теорија на коресподенција, со која се дефинира таканареченото вистинито или адекватно познание, но постојат и: теорија на кохеренцијата, прагматичката и неопозитивистичката теорија, теоријата на консезус, лингвистичката теорија на интерперсонална верификација, теоријата на евиденција и семантичката теорија.

И додека, денес, разни /квази/интелектуалци, ја бараат Вистината во овој наш крвав и тажен свет, во разни социо-психолошки теории или во разни научни експерименти, таа лежи насекаде околу нас непрепознаена, непознаена и непризнаена, прекриена и скриена со илјада фрази, конвенционалности и пропагандни лаги од светските медиумски центри. Стотици одбори и меѓународни организации ја бараат таа несреќна вистина за Сирија, Либија, Авганистан, Ирак…., и никако не можат да ја најдат!? Вистината како да ја нема никаде на земјината топка? А, дали таа Вистина не се појавува секојдневно во Алепо и Багдад, во Триполи и Дамаск? Или телата на мртвите деца, жени и мажи не се доволен доказ за постоењето на Вистината за конформистичките ситнобуржоаски припадници на цивилизираниот неолиберален западен свет? Навистина е фрапирачки, ама одвратно фрапирачки, да се гледа како, милиони и милиони, солидно економски обезбедени луѓе се со целосно испран мозок, како се затворени под стакленото ѕвоно на западната пропаганда и не реагираат на никаква човечка несреќа.

Кај нас, Вистината е прекриена со илјадници слоеви лаги од портокаловите центри за комуникации, од безбројните партиски соопштенија преполни со полувистини, од контрадикциите и демагогиите на интелектуалните и медиумските проститутки. Затоа, тука, кај нас, во Македонија, ако се обидеш да бидеш свесно, совесно, критичко и вистинољубиво суштество, значи дека си се определил да водиш константна борба против хипокризијата, полтронството, фашизмот и идиотизмот. Да водиш борба против „реалноста“, што ја негира и прикрива Вистината. Да водиш, секојдневна, тешка и грозоморна борба против системските лаги на портокаловата буржоазија и нејзините медиумски измеќари. И, да водиш борба која, се чини дека, е целосно бесперспективна.

Ваква, тешка, сложена и, навидум, бесперспективна е и борбата за историската вистина, наспроти државно спонзорираниот историографски ревизионизам. Имено, веќе со години, сведочиме една десничарска апологија на националшовинистичка и ревизионистичка слика на македонското минато. Античкомакедонските и вмровските периоди на македонската историја од нашата историографска публицистика и филмувана документаристика се прикажуваат нападно мелодраматично и митопоетично. Но, бидејќи оваа и ваква „лигава приказна“ не се поклопува со суровата историска фактографија, тогаш оваа „историја“, всушност, претставува само лажна инструментализација на историските слики во корист на дневнополитичката прагма. А, по се изгледа, оваа очигледна десничарска квазинаучна операција, не ја разбра единствено квазиинтелектуалната елита на сега веќе владеачката левица, па затоа не презема ништо да ја демаскира, или да ѝ парира со своја „историја“.

Да се спротиставиш како поединец на цела таа, обилно финансирана, историографска машинерија и да се бориш за историската вистина, ниту беше, ниту е лесна, безопасна и едноставна работа. Оти, пропагадниот историографски „метод“ ја травестира вистината, ги фалсификува настаните и процесите, и од дивиот, примитивен, варварски античкомакедонски или ванчомихајловистички хаос, произведува „светци“ на актуелниот политички и национален „иконостас“, преку што ја труе историската свест и националистички ја бранува општествено-политичката сцена. Тешко и макотрпно е да докажуваш и покажуваш дека се митологизира и разубавува едно крваво и врховистички-антимакедонско минато и дека тоа секогаш ќе  остане она што е: време на константно ѕвонење на сабјите и копјата, време на непрегледни и бесмислени колежи, време на велепредавства и дворски завери, време на неизвесности, време кое не произведе ништо трајно и национално значајно.