ВМРО-ДПМНЕ: Законот за двојазичност е неуставен

Сподели

Законот за двојазичност кој денеска го изгласа парламентарното мнозинство е неуставен, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

„ Со овој чин власта покажа дека највисокиот правен акт, Уставот на државата, за неа е само мртво слово на хартија.“

„Овој закон беше донесен со измама, односно лажно исцртување на европско знаменце, со што беа злоупотребени процедурите за донесување на закони од важност за интеграција на земјата во ЕУ. Власта треба да сноси одговорност за оваа манипулација со граѓаните. Законот за двојазичност не придонесува за реално унапредување на правата на албанската заедница во Македонија, напротив ги продлабочува разликите и оди на штета на хомогеноста на македонското општество“, се вели во соопштението.

„ Двојазичноста ќе креира хаос во правниот промет“, велат од партијата. „Истата ќе создаде неефикасни институции кои ќе потонат во преводот помеѓу јазиците, наместо да бидат од реална полза за граѓаните и да работат во извршување на работата за која постојат. Законот ќе создаде паралелизам во сите институции како на централно ниво, така и на локално ниво. Два јазика – две архиви. Ова ќе предизвика дополнителни финансиски импликации за опрема, нови вработувања и нови простории, трошок кој ќе треба да се покрие од парите на македонските даночни обврзници“, се додава во соопштението.