Во Белград попладнево голем студентски протест

Сподели

Денеска во Белград во 16 часот се очекува да почне голем студентски протест. Студентите бараат политичка и правна одговорност за несреќата во Нови Сад, поради загинувањето на 15 лица при уривање на реконструирана настрешница на железничката станица во Нови Сад.

Протестите започнаа пред четири месеци како спорадични демонстрации со барање одговорност за смртта на 15 луѓе кога се урна настрешница на железничка станица во Нови Сад, но брзо еволуираа во национално движење фокусирано на пошироки прашања како што се барањата за големи демократски реформи.

Студентите најавија дека ќе бидат прочитани нивните барања, ќе настапи хор за блокада, ќе им се оддаде почит на загинатите во трагедијата во Нови Сад, а потоа ќе се крене врева. Апелираат до учесниците да се воздржат од импулсивни реакции и каков било облик на насилство, додека власта јасно покажува дека не е подготвена да ги прифати нивните барања. Тие ги повикаа и претставниците на верските заедници во Србија да им се приклучат, нагласувајќи дека нивната борба не е политичка, туку општествена.

Претседателот Александар Вучиќ и највисоките државни функционери, како и претставниците на верските заедници, апелираа сите да го зачуваат мирот по секоја цена.

Вучиќ истакна дека државата Србија ќе ги преземе сите неопходни мерки за да обезбеди мир, а оние кои ќе го нарушат мирот ќе бидат уапсени и строго казнети.

Десетици илјади луѓе излегоа вчера на улиците во Белград за да ги поздрават колоните студенти кои се собираат од целата држава за големиот антивладин митинг денеска. Граѓани на Белград до доцна синоќа беа на улиците во центарот на градот каде ги пречекуваа илјадниците студенти кои се собраа за митингот.

Студентите ги објавија рутите по кои ќе се движат.

Од 16:00 часот пред Народното собрание ќе се одржи протестот каде во 17:00 часот ќе бидат прочитани студентските барања до властите и ќе се одржат студентски говори, потоа ќе има изведба на Блокадниот хор, а во 19:00 часот 15-минутно молчење за загинатите од падот на настрешницата во Нови Сад. За во 20:00 часот студентите ја најавуваат „најголемата бучава во Србија“. Дваесет минути подоцна ќе се читаат писма со поддршка за работниците, а во 21:00 протестот ќе заврши. Потоа, од 21.15 ч. најавено е чистење на фрленото ѓубре за време на протестот.