Согласно со препораките кои беа нотирани од страна на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, општината Охрид изработи посебен Регистар на нелегалните градби на нејзината територија.
Во оваа електронска база на податоци внесени се вкупно 1.076 предмети за кои, во периодот од 2006 година до мај 2019 година, инспекциските служби имаат констатирано прекршувања на Законот за градење и имаат донесено некаков акт со кој се утврдува нелегална градба.
Од нив, вкупно 409 се лоцирани во заштитен појас, односно на крајбрежјето на Охридското Езеро, во потегот на Националниот парк „Галичица” и во стариот дел на градот. Во рамки на оваа вкупна бројка, 82 предмети се однесуваат на урбана опрема, 16 се за времени објекти, 8 за плажи, 80 за куќи, апартмани и сместувачки капацитети, а останатите предмети се за помали интервенции и градежни зафати на објекти.
Со изготвување на регистарот на нелагални градби, Општина Охрид исполни дел од своите обврски, кои се произлезени од владината работна група, која постапува по препораките на УНЕСКО. Работната група го задолжи Министерството за транспорт и врски во соработка со Националниот парк Галичица и општините Охрид, Струга и Дебрца да изработи регистар на нелегални градби во Охридскито регион и истиот да го достави до Владата најдоцна до 1 септември оваа година.
Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, е дел од официјалната владина делегација која ќе присуствува на 43. сесија на Комитетот за културно наследство, што ќе се одржи наредната седмица во Баку, Азејберџан.
На овој состанок се очекува да биде донесена одлука и да биде дадена препорака за идниот статус на светското природно и културно наследство на Охрид, врз основа на забелешките од мониторинг-мисијата на УНЕСКО, која беше направена во април 2017 година.