„When in X“ – македонски стартап кој ги поврзува туристите и локалните граѓани во регионот

Сподели

„Со „When in X“ секој може да биде туристички водич“ е мотото на новиот македонски стартап кој нуди платформа за поврзување на туристите на Балканот со локалните граѓани, желни да го споделат своето знаење за регионот.

За разлика од традиционалните туристички агенции кои нудат веќе постоечки аранжмани, „When in X“ промовира алтернативни тури кои ќе ги поврзат туристите директно со локалните „експерти“. Овие „туристички водичи“ на посетителите ќе им понудат широк избор на вистински и автентични искуства: од неверојатни патеки за планинарење и пејсажи за фотографирање, па сè до ресторани со традиционална храна и ноќни клубови за забава.

Дел од активностите кои во моментов се нудат на „When in X“

Името на платформата, „When in X“, доаѓа од популарната изрека „When in Rome, do as the Romans do“ (Кога си во Рим, прави како што прават Римјаните). Идејата на стартапот е на туристите, кои ја посетуваат Македонија и регионот, да им пружат незаборавно искуство и пристап до места и авантури за кои само локалните граѓани знаат. Преку мобилната апликација посетителите ќе може да разгледаат и резервираат различни активности, културни искуства и настани – сите организирани од локални граѓани.

Од „When in X“ велат дека ова е прилика за локалните граѓани да го развијат алтернативниот туризам во својата земја и притоа да остварат приход. Сите заинтересирани локални „туристички водичи“ се добредојдени да учествуваат и да допринесат кон развивањето на локалниот туризам, да ги споделат своите вештини и омилени искуства, додека заработуваат дополнителни приходи од она во што најмногу уживаат.

„Нашата мисија е да го промениме начинот на кој туризмот функционира во Југоисточна Европа. Познавајќи го добро Балканот, веруваме дека нашите земји имаат да понудат неверојатни места, неоткриени природни убавини и прекрасни културни искуства кои ќе ги воодушеват посетителите од целиот свет. Тоа што се обидуваме да го направиме е да им овозможиме на туристите полесен пристап до тајните кои сите ние ги знаеме, што со тек на време ќе го зголеми интересот за туризам во овој регион. Дополнително, ќе им овозможи на многу локални туристички претприемачи да изградат поуспешни мали бизниси кои ќе влијаат позитивно на локалната економија.“ – изјавуваат од тимот на „When in X“.

Тие ги повикуваат сите кои имаат интересна идеја за тура и би сакале да станат „туристички водичи“, да се регистрираат на www.WhenInX.com, а најавуваат и дека сите регистрирани туристички водичи во месец септември, ќе добијат комплетно бесплатен хостинг за нивните тури.

„When in X“ е развиен од страна на македонската компанија Webgliders која, после долги години соработка со интернационални клиенти, одлучи да креира свој оригинален продукт. Тимот на компанијата, исполнет со ентузијасти за патувања и активности на отворено, дојде до идеја за туристички услуги кои на посетителите ќе им овозможат да се почуствуваат како дел од локалната заедница.

Платформата „When in X“ е достапна онлајн и на Apple Store и Google Play.

radiomof.mk