Во нашата народна традиција звукот на зурлите и тапаните низ векови придружувал настани со кои се искажувала радост, славје или победа, а некогаш и тага, болка или очај. Тој ритам во каква и да е пригода предизвикува нескриена човечка возбуда. На 15. октомври (неделата), некаде околу полноќ, ширум македонските градови бучно се разнесе нивниот ек. Во тие моменти се уште не бев сигурен дали тоа граѓаните ја слават убедливата изборна победа над опозицијата или пак можеби се оплакува дебаклот на бившиот режим кој што тврдеше дека е незаменлив и најуспешен од сите претходни пред него.
По куса размисла одлучив да не заминам во некој од партиските штабови или на митингот организиран пред седиштето на Владата, туку во спокојна прошетка низ скопските улици да разберам, како моите сограѓани по долгогодишна мачна неизвесност и немир ги доживеале првите гласачки резултати.
Првин што забележав беше дека немаше куќа или стан во кои што светилките беа згаснати, од кои што не допираше весел џагор, смеа, здравици а, понекаде и песна. На плоштадчето кај Дебар маало, во комшивска атмосфера ечеа зурли и тапани, се виеше оро, се вееше државното знаме; Во Карпош запален оган, околу кои што момчиња и старци, девојки и мајки разбрборени и насмеани се послужуваа со топол чај или чашка ракија; во Влае, Ѓорче па, се до Сарај слична расположба. Прашав неколкумина – славите партиска победа? Рекоа: Не! Ја прославуваме нашата граѓанска победа, враќањето на слободата, животот и иднината во Македонија.
Следниот ден бев сведок на случајни улични средби на кои што блиски соседи, стари пријатели, некогашни соученици, наместо вообичаените поздрави, како си, добар ли си, како сте дома, со едноставен стисок на раката си разменуваа честитки. Овој пат многу поинакви од оние што се упатуваат по повод нечиј роденден или именден, некој верски или национален празник, личен или деловен успех. Гласеше: Нека ни е со среќа! И ништо повеќе. Ниту коментари, ни објаснувања што тоа се честита, зошто и за кого се честита. Но, нивните очи, нивните насмевки кажуваа се: Искрен блик на заедничка радост што по толку години поминати во немир и неспокојства, доживеани општи и лични трауми и стресови, животни неизвесности за судбината на своите деца, за опстојот на својата држава, се враќа надежта во вистината, чесноста, правдата, човечкото достоинство. Без страв дека повторно би можеле да бидат приклучени на големото полициско уво, шпионирани и денунцирани од режимски багабонти, уценувани и јавно бербатени од одделни новинарски пробисвети, политички гонети и судени за измислени деликти, прогласувани за државни непријатели, народни предавници, странски платеници и антимакедонски елементи.
Конечно и свесни дека ниту една партија, политички лидер, изборен проглас или митинг не ќе биде во состојба да ја порази нивната неслобода, да ги залечи раните на нанесеното зло, да ја поврати задушената демократска мисла, доколку тие самите не изнајдат сили и храброст да го прекинат вампирскиот пир на ненаситните државни криминалци, политички хохштаплери и авантуристи, насилници и крвопијци.
Затоа, ако веќе се бара вистинскиот победник на овие избори, тогаш без никакво двоумеење може да се каже дека тоа беше пред сѐ демократското граѓанство, кое што со еден потег на пенкалото го урниса и последниот бедем на груевистичкото тиранско владетелство, овозможувајќи им на слободарските и проевропски визии на премиерот Заев да станат темелник на новиот македонски демократски подем и остварувањето на побрз економски развој и сеопшт просперитет на земјата.