Текстот е одговор на блогот „Обединување околу „историски вистини“ или околу различности? (II)“ од Огнен Вангелов и Љупчо Ристески, објавен на 28 мај, 2021 година.
Доколку постојано создаваме разлики, поделби и граници, доколку потпалуваме затегнатост и непријателство, тогаш тажно ќе го практикуваме англискиот пејоративен глагол balkanize – „делам нешто на неколку мали политички единици кои заемно војуваат помеѓу себе“. Треба да се претпочита една друга варијанта – да го споделиме заедничкото и позитивното, и со тоа да бидеме похармонични и поподготвени за нашата заедничка европска иднина.
Со овој краток текст би сакал да ја завршам од своја страна дискусијата за името и за карактерот на државата за познатиот средновековен владетел од Преспа. Се надевам дека со неа ќе придонесеме за подобра информираност на читачката јавност во Република Северна Македонија и во Република Бугарија.
Членовите на Заедничката комисија за историски и образовни прашања од Република Северна Македонија, Огнен Вангелов и Љупчо Ристески, повторно се обидуваат да дадат одговор на мојот текст, во кој, да споменам, дека освен изворите, како на современи авторитетни византолози од Велика Британија и САД, се вклучени и извори од Балканот – Хрватска, Србија, Албанија, Косово, вклучувајќи и албански историчари од Северна Македонија, ја разгледуваат државата на цар Самоил на сличен начин: како Бугарско царство.
Кое е името на државата на цар Самоил?
Во својот нов блог двајцата коавтори повторно не наведуваат докази за тоа дека Самоил бил некаков „небугарски словенски“ или „македонски“ владетел. Иако без ентузијазам, тие ги прифаќаат заклучоците на современата историографија за тоа дека Самоил бил цар на Бугарија: „Именувањето на царствата како бугарски е навистина од второстепено па дури и третостепено значење. Ние како членови на Комисијата воопшто не спориме со именувањата на тие царства во различните студии“.
Ваквата сепак позитивна нишка кон читањето на светската византологија, но и кон обединувањето на нашата заедничка историја, за жал не беше запазена во соодветно решение на Заедничката историска комисија на 14 средба, одржана на 10-11 јуни 2021 година. Тогаш колегите од Северна Македонија, спротивно од напишаното од двајцата, не само што не се сложија со доминантната теза во современата историографија, која ја именува државата на Самоил како Бугарско царство, ами и отфрлија каква и да е дискусија во врска со прашањето за цар Самоил и неговото време. Не мислам дека со тоа придонесовме за подобра иднина на нашите две општества и на целиот регион. Доколку го ограничиме опфатот на работата на Комисијата, во нарушување на самиот Договор за пријателство и добрососедство, тешко дека ќе стигнеме далеку.
Извор: historycampus.org
Уште и за бугарската средновековна народност
Двајцата коавтори не можат да го негираат бугарскиот етнос (народност) во периодот на Средновековието, со оглед на тоа дека ваквото нешто би значело повторно влегување во тежок конфликт со светската медиевистика – во претходниот текст веќе покажавме дека во византологијата широко се прифаќа постоењето на бугарски средновековен етнос. Еве на кој начин го прави тоа веќе спомената монографија Romanland: Ethnicity and Empire in Byzantium на Ентони Калделис, која накусо се задржува специјално на ова прашање: „Мнозинството од населението на освоените од страна на Ромеите Бугарија [царството на Самоил и на неговиот внук Јован Владислав] било веројатно бугарско, зборувало на словенски јазик и било православно – во тоа време бесполезно е да се обидеме на направиме разлика помеѓу првите Бугари [Прабугарите] и Словените. Поради недостигот од дискурзивни наративни текстови од Бугарија, какви што имаме во изобилство од Романија [Византија], тешко е да ги реконструираме контурите, природата и опфатот на бугарскиот идентитет. Во натписите на владетелите на Бугарија се спротивставуваат Бугарите со Ромеите – или „Грците“, како што често ги нарекуваат, придржувајќи се на западната практика, и на Унгарците. Неколку квазиисториски бугарски текстови од периодот на ромејската окупација [византијското владеење] се зачувани и тие ја откриваат важноста на бугарската државна традиција и на бугарската народност (peoplehood) во времето од ромејската власт“ (с. 234–235).
Двајцата автори решаваат да се борат со нешто поинакво, измислено од нив, и ми ја припишуваат фразата која никогаш не сум ја употребил – „консолидирана народност“, или „консолидирана бугарска народност“. Спорниот израз „консолидирана народност“ сугерира сфаќање, блиско до терминот „нација“, кој исто така никогаш не е користен за периодот од Средниот век од членовите на Комисијата од Бугарија.
Коавторите дури и го наведуваат овој израз во подзаглавјето на својата творба. Доколку тие погрешно читаат и ги заменуваат моите публикации кои се достапни во електронска форма за секој читател, тогаш што би можеле да направат со други постари и понедостапни текстови кои се важни за историската наука?
Всушност, блогот на двајцата коавтори продолжува да разгледува нешто сосема друго – имаат ли современите нации, имаме ли ние денес некаква врска со цар Самоил и со бугарската средновековна народност. Нивниот текст е посветен на ХІХ-ХХ век, на заедничките проблеми во создавањето на нациите, цитирајќи трудови кои се учат на првите години на факултет. Тоа е сосема друга тема, за која имаме доволно пишувано во научни публикации, а исто така и во текст на Рес публика.
Преку заедничко сфаќање за царот Самоил до хармонична европска иднина
Како што покажавме, цар Самоил е јасно определен од светската историографија, а и од Заедничката историска комисија со нејзиното решение од 2019 година за заедничко одбележување. Тој не може да биде претставуван на еден начин за државниците, за политичарите и за општеството, а на друг за учениците во Северна Македонија. Тој е еден и заеднички за сите – цар Самоил erga omnes.
Доколку постојано создаваме разлики, поделби и граници, доколку потпалуваме затегнатост и непријателство, тогаш тажно ќе го практикуваме англискиот пејоративен глагол balkanize – „делам нешто на неколку мали политички единици кои заемно војуваат помеѓу себе“. Треба да се претпочита една друга варијанта – да го споделиме заедничкото и позитивното, и со тоа да бидеме похармонични и поподготвени за нашата заедничка европска иднина.