ЗА ОСАМЕНОСТА – Александар ЛИТОВСКИ

Aлександар Литовски
Сподели

Човек со полн дух и во потполна самотија се забавува со сопствените мисли.

Артур Шопенхауер

Што е самотија?

Одговорот, се чини, е едноставен: Да се биде сам!

Но, кога ќе загребете под површината на осаменоста, таа се покажува повеќеслојна, сложена, комплицирана, разновидна, а на моменти и парадоксална. Оттука произлегува фактот дека осаменоста е многу податлива тема за размислување и пишување, а веројатно, таа е една од најексплоатираните теми во литературата и филозофијата. Имено, чувството на осаменост е идентификувано и промислувано од најраните времиња на човековото опстојување: од „Митот за Прометеј“ и „Одисејата“  до „Робинзон Крусо“ на Даниел Дефо и „Кристофер Мартин“ на Вилијам Голдвин, од Платон до Спиноза, Киркегор, Шопенхауер, Сартр… Секако, списокот на сите оние кои размислувале и пишувале за осаменоста, би бил многу, многу долг.

Во секој случај, осаменоста е „физички“ недостаток на блиски лица и комплекс емоции поврзани со тој недостаток. Тоа значи, осаменоста е субјективна категорија што не може да се мери и да се споредува. Феноменот на осаменост се појавува во сѐ поголем обем и во различен облик. Во основа, изворот на осаменоста најчесто се наоѓа во социјалното милје и трката по профит. Едноставно, начинот на живот прави да се губиме едни со други, да немаме потреба од партнер или да немаме доверба во партнерот, всушност, да не љубиме и да не сакаме да нѐ љубат, да немаме време за пријателите, да немаме енергија и желба да подадеме рака на помош и поддршка на луѓето на кои таа им е потребна… Сѐ повеќе сме со луѓе, а живееме во самотија!

Бегство од осаменост или бегство во осаменост!?

Зборот „монофобија“ медицински означува страв да се остане сам, страв од самотија. Сосема е сигурно е дека денес во светот постои масовна монофобија. Згора на ова, многумина сметаат дека најстрашната осаменост е онаа која човек ја чувствува кога е опкружен со луѓе, а е сам, кога е со блиски, а тие не можат да го почувствуваат емоционално, ниту можат да го сфатат интелектуално, кога на никого не му е грижа за неговата состојба, па дури на никого не му е грижа дали постои или не! Таквата осаменост предизвикува огромна напнатост и ненадоместлива празнина. /За оние кои сакаат подобро да го разберат ова за што зборувам, можеби е добро да го (пре)прочитаат творештвото на големиот писател Франц Кафка, кое како главна тема ја има токму трагичната осаменост на човекот, а постојат дури размислувања по кои и самиот писател бил „маченик на самотијата“ (Марта Роберт, „Сам како Франц Кафка“)/

Всушност, се работи за таканаречената „внатрешна осаменост“ или познатиот „синдром на осаменост среде толпа“, карактеристичен за големите градови. Хенри Дејвид Торо тоа го кажува на еден интересен начин: „Градски живот. Милиони луѓе, осамени заедно.“ Тука не се работи за физичка осаменост, туку за емоционално-интелектуална осаменост. Тоа значи, во урбаните средини не можете да бидете физички сами и осамени, туку вистинскиот извор на чувството на осаменост е немањето на вистински, автентични, вредни контакти со други луѓе, контакти што се темелат на разбирање, љубов, контакти што исполнуваат. „Синдромот на осаменост среде толпа“, се должи на начинот на живот во кој примарни се кариерата, тежнеењето кон остварувањето на успех и моќ, непрестаните обиди да се направи профит и да се стекне имот… Оттаму, внатрешна осаменост, на пример, постои кога некој е на врвот на своите умствени, физички и професионални капацитети, кога непрестано е опкружен со пријатели кои го „љубат“, а, сепак, се чувствува осамен! И затоа на многумина им се случува да се во „познат град“, во место во кое се родиле и се цел живот, а не можат да видат навистина близок, сроден или драг човек.

Многумина на разни начини се обидувале и се обидуваат да побегнат од осаменоста. Многу често спасот од самотијата луѓето го бараат во забавата, разонодата, патувањата… Жан де Ла Бриер смета дека сите наши неморални однесувања доаѓаат од фактот дека не можеме да бидеме сами, дека заради тоа ни се потребни: жени, пиење, коцка, оговарање, завист, алчност… Всушност, објаснува тој, не дека со забавата и разонодата се постигнува некаква вистинска среќа, туку само се „надминува“ внатрешната празнотија и духовната мизерија и здодевност. Покрај тоа, „друштвата, високите кругови, салоните, тоа што се нарекува ‚свет‘, тоа е една бедна театарска претстава... преку која не може да се постигне среќа, ниту вистински да се победи осаменоста, бидејќи за интелигентен човек и тука нема ништо интересно и забавно“, вели Николас-Себастијан Рош Шамфор. На таков начин само навидум се „победува“ осаменоста, а поправо, се одзема мислата на човека од себе и својата положба, т.е. човек се замајува со врева и врвулица, лесни и глупави нешта, и сѐ со цел да не ја согледа својата бедна положба, што помалку да има време да ги гледа неправдите околу него, па оттаму да молчи, да работи и да не прашува, да не се сомнева, да не изразува незадоволство и да не се буни. Затоа, денес забавата и разонодата, раскошот и туристичките патувања, претставуваат инструменти за контрола на мислата, за затемнување на свеста и совеста, па оттаму толку многу пропагандно се фаворизираат како најценети „добра“ што човек треба да ги ужива.

Но, знаат ли навистина луѓето, зошто се плашат од осаменоста? Што е тука толку страшно? Дали навистина, како што вели Блез Паскал, страшното кога сме сами е тоа што ќе размислуваме за себе, за она што сме, за тоа од каде доаѓаме и каде одиме? Дали кога сме сами мораме да размислуваме за својата беда, несреќа, безначајност? Дали само тогаш започнуваме да ја чувствуваме својата ништожност, својата немоќ, да чувствуваме досада, тегобност, тага, зловолност, разочарување и очајување…?

Некои луѓе сметале и сметаат дека осаменоста воопшто не е лоша и непожелна состојба и дека, ако среќата на човекот се бара само во тоа да не се биде осамен, тогаш таквата среќа е бедна и невредна. За таквите луѓе осаменоста е сосема нормална и пожелна човекова состојба, во која може да се живее, работи, ужива… Затоа, еден од нив, Фридрих Ниче велел: „Сѐ повеќе апсолутната осаменост се открива како суштинска формула, како темелна страст на моето постоење. Еден друг, рускиот писател Антон Чехов зборувал, јасно и недвосмислено, за „среќата на осаменоста“, а пак англискиот писател Дејвид Херберт Лоренс осаменоста ја сметал како „неопходност“ за да се „размислува за себеси“, кое, пак, размислување „претставува најголема забава.“ Покрај ваквите искажувања, самотијата е сфаќана и како инструмент за бегство од овој наш несовршен и расипан свет, па Молиер во „Мизантроп“ зборува за потребата да се остави „злобната средина“ и да се побегне во „пустинска осаменост“.

Значи, јасно е дека  осаменоста некогаш е личен избор, односно постојат осаменици кои самите одбираат да живеат во самотија сметајќи дека тоа ги прави среќни, продуктивни, заштитени… Херберт Спенсер со право тврди: За оние што ѝ се достојни самотијата секогаш ќе постои“, а Шопенхауер дека: „Самотијата е судбина на сите значајни духови.“ Ваквата самотија, која е – „позитивна самотија“, вреди да се цени и почитува, од едноставна причина, што таквите луѓе преку осамувањето ја штитат својата личност и својата ментална слобода. Тие сакаат сами, без помош, без ургенции, без коленичење, да постигнат некакви резултати и да достигнат некакви цели. Тие се достоинствени и независни луѓе со голем морален интегритет. /За постигнување на сопствената независност преку самотија, на пример, зборува Карл Јасперс во неговата „Филозофија на иднината“, а повторно, неодбегливиот на темата осаменост, Шопенхауер, децидно тврди: „…кој не ја сака самотијата, тој не ја сака ниту слободата, бидејќи слободни сме единствено тогаш кога сме сами.“/

Покрај „позитивна самотија“, постои и она што може да се именува како „негативна самотија“, бидејќи некои личности се повлекуваат во самотија заради сопствениот егоизам (не сакаат да се грижат за друг, не сакааат да го делат сопственото материјално богатство) и сопствената бесчувствутелност (не се способни да љубат, рамнодушни се и ја презираат љубовта, кои други ја искажуваат кон нив, едноставно немаат емоции кои сакаат да ги делат, па немаат ниту потреба да бидат со друг). Таквите никој не ги чека и на никому не треба да му се вратат. Тие не само што се без дом (иако формално може да го имаат), туку се специјални суштества кои живеат само за себе и само себе може нешто да си значат. Но, да се разбереме, осаменоста е дихотомна состојба, па освен што може да биде личен избор, таа може да биде принудна. Имено, осаменоста може да биде предизвикана од фактори на кои човек не може да влијае: некој е осамен затоа што е многу грд или многу убав, некој заради тоа што е болен или стар, некој заради немањето на поблиски или подалечни роднини…

Неминовна осаменост!

Од сето досега кажано може да се заклучи дека секој човек, во основа, е осамено суштество!? Чувството на суштинска осаменост е трајна емоционална состојба на секој човек, а осаменоста им е заедничка на сите луѓе. („Дали постојат други живи суштества во вселената?“ е често поставувано прашање, а сега-засега сосема извесен е одговорот дека човекот е единствено живо и свесно суштество во вселената.) Едноставно кажано, секој поединец, без оглед што му се случува, без оглед на искуството низ кое минува низ својот пократок или подолг живот, без оглед на бројката луѓе со кои контактирал, тој секогаш и без исклучок е „свет за себе“, свет во кој живее осамено. Сето ова значи дека внатрешната осаменост не е предизвикана од некаква надворешна причина, туку иманентна и неодбеглива човекова егзистенција. И, тука веднаш да разјасниме ‒ апсолутна физичката осаменост, како реална состојба на постоење е неможна. Никој не може да биде целосно сам во целиот свој живот. Па, дури таква самотија не може ни да се замисли. Колку што јас имам познавање, потполна физичка осаменост не постои ни во сферата на литературата, па дури ни во научната фантастика.

Ваквите заклучоци околу „неминовната осаменост“, можат многу убаво да се согледаат, на пример, преку романот „Сто години самотија“ од Габрија Гарсија Маркес. Сите животни судбини опишани во овој роман се поврзани со самотијата, а јасно се гледа и  фактот дека може да постојат различни видови осаменост. Како најинтересна осаменост, мене ми се чини онаа опишана преку животот на полковникот Аурелиано, кој пати од самотија на моќта, всушност, од вид на деструктивна самотија, која на крајот целосно го полудува, а неговите блиски уште жив ‒ го сметаат за мртов. Во секој случај, од романот на Маркес сосема јасно може да се согледа дека осаменоста е основен закон на човековата егзистенција и никој не може да побегне од неа.

   Осаменоста и љубовта

  Осамен ли си?

  Па… јас не знам што е осаменост. Ако осаменост е да немаш никој покрај тебе, тогаш не сум. Никогаш и нема да бидам. Но, ако осаменост е да немаш никој со кој би ја поделил радоста и тагата, тогаш дефинитивно сум.“ (Од расказот „Круг“ на Бранислав Ѓорѓиевски)

Бегството од осаменост често се врзува љубовта и нејзиното влијание за формирање на нашето самочувство и самодоверба. Затоа една изрека вели: „Постои само една надеж против самотијата, тоа е љубовта – таа продира низ сите ѕидови и допира до најосаменото срце, само ако тоа се отвори“. Всушност, заљубениот никогаш не е сам, туку секогаш е со оној што го љуби. И во најосамените ноќи, заљубениот е исполнет со копнежот да е со оној кој го љуби и води имагинарен дијалог со него! Веројатно затоа француски писател Стендал пишувал: „Осаменоста не е во тоа што сме сами, туку во тоа што не постои ништо за што копнееме.

Наспроти тоа, осаменоста е состојба која најлесно и најјасно се детектира кај разочараните во љубовта, кај оние што останале без љубениот… Ова чувство на самотија е поврзано со една од најдлабоките човекови потреби ‒ онаа да сакаме и да бидеме сакани. Затоа, редовно и сосема нормално, по прекин на љубовна врска, љубовна разделба или брачен развод, кај човечките суштества се јавуваат чувства на напуштеност, отфрленост, депресија, несигурност, безнадежност… и во крајна линија, се јавува исклучително јако чувство на осаменост. Понекогаш кај разочараните во љубовта, се јавува состојба која може да се нарече „осаменост на постоењето“, оти тогаш за нив, не само што не постојат други луѓе, туку не постои ниту светот! Затоа, Рајнер Марија Рилке запишал дека „љубовта се состои во тоа две самотии да се штитат, да се допираат и да се поздравуваат една со друга“, а пак Давид Албахари прецизирал дека: „Таму каде што нема љубов остануваат одвоените самотии

Но, не смееме да не ја изоставиме „заедничката самотија“. Една наша колумнистка пред скоро време сосема искрено запиша: „…лично можам да посведочам дека никогаш не сум била поосамена отколку кога бев во последната љубовна врска.“ Всушност, да биде јасно, зборуваме за самотија кога двајца се заедно, а не се љубат. Тогаш настапува најлошиот вид на самотија, која ја доживуваат луѓето кои, апсурдно но реално, никогаш не се сами. Ваквата самотија постои во сите форми на заедништво, а најчеста и најдолготрајна е во социјалната институција наречена ‒ брак. Имено, луѓето решаваат да се венчаат од многу причини, но еден од најчестите мотиви е да се избегне состојбата да се биде сам. Меѓутоа, откако ќе се венчаат, многумина не ја постигнуваат дружбата на која се надевале. Наместо тоа, откриваат дека бракот предизвикува уште поболно и поизразено чувство на самотијата. Писателката Ерика Јонг, заради ова, укажува дека подобро е да останеш сам, отколку непрестано да правиш погрешни избори во љубовниот живот и прецизно и вистинито забележува: „Бракот не е лек за осаменоста. Децата ќе пораснат и ќе си заминат. Љубовниците не се лек за сѐ. Сексот не е крајно решение. Ако животот го претворите во долга болест, тогаш смртта е единствен лек.“

Всушност, мислам дека од досега кажаното стана јасна една работа ‒  мислењето (кај нас многу распространето и длабоко вкоренето) по кое бракот и семејството се спас од самотијата, е само една голема заблуда, една невистина, едно празно верување! Затоа, на самиот крај на овој текст, како дополнителна поткрепа на ваквото тврдење, од многубројните искажувања кои постојат, јас ќе одвојам и наведам неколку луцидни и интересни мисли за брачната самотија: „Ако се плашиш од самотијата, не влегувај во брак.“ Антон Чехов,;Физичката заедница на половите само го засилува чувството на осаменост.“ Николај Берѓаев; „Бог го создал мажот, а кога сфатил дека не е доволно осамен, му дал придружник за да може подобро да ја чувствува осаменоста.“ Пол Валери; „Бракот е поголема осама од самотијата.“ Адриен Рич (американска поетеса); „Кога венчаните не би живееле заедно, среќните бракови би биле почести.“ Фридрих Ниче; и за крај онаа на американска писателка и феминистка Глорија Стајнем: „Бракот е најсигурен пат до осаменоста.“

/Текстот е објавен во книгата „За свеста и совеста“ од 2012/