Заев: Денес сме Македонци за целиот свет со признаен македонски јазик и идентитет

Сподели

 

Претседателот на Владата Зоран Заев, на седница во Парламентот изјави дека земјава 30 години тапкаше во место, додека светот одеше напред.

„Денес, Македонците се Македонци за целиот свет. До пред Преспанскиот договор беа Македонци за дома, а за светот бевме ФИРОМ и Фиромци. Во Преспа е впишано македонски, македонски јазик, македонски народ, македонско, Македонци – и нема дилема. Порано, нашата репрезентација настапуваше под ФИРОМ и стоеше на екраните ФИРОМ – сега стои МКД и стои Северна Македонија, не ФИРОМ, изјави премиерот Заев.  

„Денес ја имаме поддршката од целиот демократски свет, како никогаш порано. Направен е огромен респект кон целиот наш народ и кон нашата држава. Проблемите со Бугарија се отворија заради тоа што тие имаа внатрешни проблеми, кои се струполија врз Северна Македонија, соодветните провокации од бугарска страна и од македонската страна исто така создадоа атмосфера денес една земја членка, која е наш прв сосед, Бугарија, да стави два пати вето на нашето членство во ЕУ. Но, нема ниту една замерка на нашите реформи, коишто се 100-проценти потврдени во сите извештаи на ЕУ. Пример сме за европско однесување. 

„Ниту оваа Влада, ниту која било идна влада, не смее да разговара за македонскиот јазик и идентитет и тоа е впрочем потврдено. Во Бугарија разговаравме за патоказ, кој стои како предлог во португалското решение на проблемот, каде една од обврските е Северна Македонија да достави патоказ до Бугарија. На едно место каде се спомнува македонскиот јазик, јасно и отворено стои дека се работи за два слични, но различни и меѓународно признати јазици. Нашиот јазик е сличен и со српскиот и со хрватскиот и со црногорскиот и со бошњачкиот и со бугарскиот или со многу други јазици, кои се од јужнословенската група на јазици, но се различни и се меѓународно признати. Во предлогот на португалското претседателство стои чисто дека во преговарачката рамка, преводот на акито ќе биде на македонски јазик. Имало земји кај кои пишувало „на официјалниот јазик“, „на службениот јазик“ или сл. Имаме такви земји и од соседството. Нашата борба беше да има чист „македонски јазик“. И тоа стои во преговарачката рамка. И ќе стои сè додека Европа е Европа, сè додека Европа води грижа за своите и за идентитетите на земјите кандидатки, затоа што тоа е нашиот идентитет. Тоа е борба за македонскиот идентитет и јазик“, рече премиерот Заев.

Македонскиот национален идентитет едноставно е невозможно да биде предмет на преговори. Никој и со ниту еден акт не смее да ги доведе во прашање човечкото достоинство, еднаквоста и солидарноста, владеењето на правото, човековите права.