Премерот Зоран Заев, на денешната седница на Комисијата за уставни прашања испрати апел до пратениците од опозицијата да размислат, како што рече, до самиот крај пред носењето одлука за уставните измени со кои ќе се спроведе Договорот со Грција.
-Јасна е позицијата на опозицијата, вие сте против, но кажете како понатаму. Јасно е дека без опозицијата не можеме да го смениме Уставот, но има ли нешто што може да не сплоти, дали сите сме на ниво на историската одговорност. Дајте да појасниме дали некој има територијални претензии. Што, ќе го освојуваме Солун? Знам дека никој нема територијални аспирации. Знам дека одговорноста за НАТО и ЕУ е на сите. Разговарав со сите пратеници и знам дека има огромен број на пратеници од опозицијата на кои тешко им паѓа помислата што ако се испушти оваа шанса. Подобар договор нема, да видиме дали можеме со уставните измени да ги приближиме ставовите. Дефинитивно НАТО и ЕУ останува нешто што политички, етнички и верски не држи заедно. Вредно е да се размисли, а едноставно е да се каже не – рече тој.
Заев напомена исто така дека е јасно дека не се исполнети двата кумулативни услови на референдумот и затоа референдумот беше консултативен, а одговорноста е кај институциите.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Трајчо Димков, порача дека промената на уставот со цел промена на уставното име е срамен и тажен момент во македонската историја.
– Според мене, ова е најтажен и најсрамен момент во историјата на Македонија со цел да си го промениш името на државата. Името е спомнато во најстариот документ во историјата, Библијата. Името Македонија е историска придобивка на сите. Самиот обид за вакво нешто е голем срам за оваа генерација Македонци. Вие продолжувате на сила да ги туркате уставните амандмани, а тоа е показател за уште една манипулација на македонските граѓани. Тие беа уверувани дека нема да има промена на уставното име– рече Димков.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ порача дека и да имала власта двотретинско мнозинство не е коректно да прифати ваков Договор бидејќи преговорите, потпишувањето на Договорот и одлуката за референдум ги одлучувале без опозицијата.
-Вашата или било чија одлука, најмалку значи ако направиме грешен потег. Дали ќе го има Заев на сцена за пет или 10 години, или ќе го нема, е помалку важно од оваа одлука. Јазикот и во самиот договор не го признава, туку се повикува на конвенција од 1977 година. Сите изјави од грчка страна викаат дека не ја признаваат македонска нација. Дури и да имавте како СДСМ како 2/3 мнозинство, ваква работа не требаше да правите сами – порача Димовски