Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска ја оствари втората средба со пратениците од новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија.
Изјавата на премиерот Заев после средбата, на која беа направени последните консултации за нацрт амандманите на Уставот, ви ја пренесуваме во целост:
„Денеска ја направив втората средба, јас како Претседател и претставник на Владата на Република Македонија, како предлагач на уставните амандмани, со новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија.
Разговаравме за деталите за амандманите. На првата консултација беа дадени насоките, а сега на оваа, втора консултација, зборувавме за суштината. Мислам дека заокруживме, и сега веднаш после оваа изјава се повлекуваме во Владата за да ја скицираме целата содржина на амандманите, кои преточени во текст ќе бидат уште еднаш испратени на консултации и верувам дека до крајот на денот ќе биде потврден од новата пратеничка група со цел утре, на владина седница, да бидат утврдени нацрт амандманите.
Сакам да најавам дека на предложените нацрт амандмани, секој пратеник во Собранието има можност да додаде свои дополнувања на овие амандмани, како што се прави за секој закон.
Ова го кажувам зашто остануваме отворени за сѐ што во духот на договорот, сѐ што е возможно, да направиме инклузивен процес кој што би предизвикал поголем обем на консензус во македонскиот парламент, со конечна цел да застанеме заедно, како што ни личи, при утврдување на протоколот и процедурите за заокружување, за имплементација на договорот од Преспа меѓу Република Македонија и Република Грција.
Јас верувам дека има пратеници кои што веруваат дека ова е единствениот начин Македонија да ја обезбеди својата иднина, а тоа е интеграцијата во НАТО и почеток на преговори со ЕУ. Верувам дека имаме фер и праведен договор од кој што добиваат и двете страни, и Македонија и Грција. Верувам дека времето многу бргу тоа ќе го потврди и дека сме на вистинската страна.
Јас исто така верувам дека вербата на овие пратеници, што ги водеше да се одважат и охрабрат да гласаат е со причина, и денеска ја видов суштината на таа причина. Таа причина вградена во нивните сугестии за уставните амандмани разобличува уште една дилема која што постоеше во дебатите за договорот и за време на кампањата за референдумот, дека го потврдуваме македонскиот идентитет“.