Заев: Упатувам порака до нашиот сосед Бугарија, да покаже европска големина

Сподели

 

Премиерот Заев во интервјуто за вестите на Националната радиотелевизија, истакна дека верува дека ќе се најде решение за отворените прашања со Бугарија, и упати порака директно, до претседателот Радев и до техничката Влада во Софија да покажат европска големина кон еден од своите први соседи, Северна Македонија да дадат шанса да го продолжи процесот за нашата земја за членство во ЕУ и се повика на консензуалната одлука на сите 27 земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Бугарија, дека сме ги исполниле условите за почеток на преговорите.

 

 

Тој додаде дека очекува да се одржи првата меѓувладина конференција, откако ќе се одржи состанокот на Советот на министрите кога ќе се донесат одлуките и ја повика Бугарија да продолжи во духот на европските манири и да го сврти повторно вниманието на Европската Унија кон овој регион.

„Да продолжиме да градиме пријателство, важно е каква историја пишуваме сега, нашите млади луѓе сакаат да ги отвориме вратите и можностите за соработка, а не да бидеме заглавени во минатото“, оцени премиерот Заев.

Тој додаде дека со неговата посета на Брисел минатата недела соопштено е на сите европски институции и сите европски земји дека додека македонскиот јазик и македонскиот идентитет се на маса, нема да преговараме.

„За идентитетот и јазикот не се преговара. Тоа што треба да го знае нашиот народ, е дека Европа должи. Ние испорачавме сѐ. Северна Македонија е земја која најмногу чекала од сите кои што сакаат да го продолжат европскиот пат. Од сите земји што некогаш биле кандидати денес се членки или се уште се кандидати ние чекаме најмногу, 16 години“, рече премиерот Заев во интервјуто и порача дека без Северна Македонија е загрозено проширувањето на ЕУ која самата таа го прогласи за своја стратешка цел.