ЗАЕВ: Збогум ПЈРМ, за многу години Република Северна Македонија!

Сподели

На денешен ден, 8 април 1993 година, нашата земја беше примена како членка на Обединетите Нации под референцата „поранешна југословенска Република Македонија“ (“the former Yugoslav Republic of Macedonia”).

На тој ден, тогашниот Претседател Глигоров одржа историски говор, за прв пат на македонски јазик во Генералното собрание на ОН, а на Ист Ривер се развеа македонското знаме, со што нашата земја стана полноправна членка на ОН.

Со тој потег, како земја членка на ОН, нашата држава беше ставена во зоната на безбедност додека не се реши прашањето за името. Ако не беше така, ако го добиевме белегот „ничија земја”, без принципите на суверена држава во ОН, нашата иднина ќе беше изложена на крајна неизвесност, во период кога војните и национализмите беснееа на Балканот.

После точно 26 години од тогаш, со сочуван територијален интегритет, национален идентитет и достоинство, Република Северна Македонија реши спор и отпочна да пишува нова страна во својата историја.

Денеска е убав ден да се потсетиме дека ПЈРМ (FYROM) замина неповратно во историјата.

Убав ден да порачаме уште еднаш: Збогум „поранешна југословенска Република Македонија“, за многу години Република Северна Македонија!

За многу години за земјата на Македонците и нашите сограѓани Албанци, Роми, Турци, Срби, Бошњаци, Власи на сите други.

Земја на македонскиот јазик и на јазиците на сите заедници кои живеат тука.

Земја за која 29 членки на НАТО го потпишуваат Протоколот за пристапување за полноправно членство во Алијансата.
Држава која е пред почетокот на отворањето на поглавјата за членство во економски најмоќната заедница – ЕУ.

Модел за општество кое е еднакво за сите нејзини граѓани и лидер во промоцијата на добрососедството, регионалниот и глобалниот развој.

ФБ статус, Зоран Заев