Итни мерки и препораки донесоа Владата и Град Скопје откако Скопје викендов се најде прв на листата по аерозагадување во светот, а енормно количество на ПМ10 честички регистрираа и мерните станици во Битола, Тетово и Струмица.
Зимскиот распуст за сите ученици во Македонија се пролонгира за уште два дена, а се воведе и бесплатен јавен превоз за граѓаните во Скопје.
На работодавците им се препорачува да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. За лицата кои работат на отворено, работното време треба да биде од 11 до 17 часот.
Државните институции и јавните претпријатија треба да ја намалат до 50 проценти употребата на службени возила. Државниот инспекторат за животна средина е задолжен да спроведува контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух, со препорака инсталациите со А – ИСКЗ дозвола да го намалат капацитетот на производство до 50 прценти. Оваа мерка нема да важи за инсталациите кои произведуваат топлинска или електрична енергија.
Од Министерството за внатрешни работи, пак, Град Скопје побара зачестено да ги контролира издувните гасови на возилата и да спроведе засилени контроли на правните субјекти кои поседуваат одобренија за доставување стоки издадени од Градот Скопје. Од МВР се бара и да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чија крајна дестинација не е Скопје и кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница.
Покрај препораките за користење на јавниот превоз, избегнување престој на отворено, да не се горат штетни материјали и да се чистат оџаците, Град Скопје соопшти и дека во изминатиот месец обезбедил 572 прочистувачи на воздух за секоја училница во 23-те средни училишта под негова надлежност, за што се вложени околу 11 милиони денари.
Владата и Град Скопје ги активираа мерките и препораките кои законски важат и стапуваат во сила кога два дена по ред е надминат прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри т.е. надминување на вредноста од 188 микрограми на кубен метар.