Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, смета дека „враќањето на српскиот јазик во училиштата во Македонија ги негира тврдењата дека се раскинати врските со Србија и Русија“.
Нејзината изјава доаѓа по честитката на македонскиот премиер Зоран Заев до српската заедница во Македонија, по повод празникот Свети Сава, во која, меѓу другото, вели дека „Македонија оди чекор понатаму и ќе се вратат наставните програми за изучување на српскиот јазик и култура за што се одобрени наставните програми од трето до шесто одделение, а во постапка на одобрување се наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение, за разлика од времето кога ВМРО-ДПМНЕ во 2007 година ја укина можноста српскиот јазик да се изучува како изборен предмет“.
„Македонизмот сам по себе е геополитичка идеја создадена од Белград и Москва. За жал, не сум изненадена од ваквата одлука на македонските власти. Враќањето на српскиот јазик значи дека сите партии во РС Македонија, без оглед на нивните политички разлики, се едногласни за ова прашање…, како и за темата за односите со Бугарија“, изјави Захариева за бугарската национална телевизија БТВ и додава дека „ваквите постапки се доказ за приближувањето кон Србија“.