Зеќир Рамчиловиќ е новиот потпретседател на Собранието

Сподели

 

Независниот пратеник Зеќир Рамчиловиќ е избран за потпретседател на Собранието. Тој на местото потпретседател на Собранието доаѓа по оставката на Весел Мемеди, по предлог од страна на пратеници од ДУИ и СДСМ.

Рамчиловиќ во своето соопштение до медиумите изјави:

“Сакам да ве информирам дека на 1.11.2019 год. го известив претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, дека во понатамошниот период ќе делувам како независен пратеник. Недобивањето на датумот за почеток на преговори негативно влијаеше врз целото општество, но за мене беше дополнителен мотив за одлуката да направам исчекор со кој поактивно ќе се вклучам во процесот на реформите од кои што нашите граѓани и нашата држава ќе имаат бенефит и со кои ќе потврдиме дека местото на Република Северна Македонија и е во НАТО и ЕУ.

Сакам да изразам почит, благодарност и признание на Независната пратеничка група за сето она што го направивме заедно за државата во изминатиот период и со верба дека Независната пратеничка група и понатаму ќе продолжи да биде конструктивен чинител во работата на Парламентот.

Им се заблагодарувам на парламентарното мнозинство и на сите оние кои ме предложија и ја поддржаа мојата кандидатура за потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија. За мене тоа претставува голема чест и обврска за понатамошно делување, но и признание за посветената работа во законодавниот дом во изминатиот период. Дополнително што со ова се потврдува искрениот пристап на власта за градење на едно општество со еднакви можности и права за сите граѓани, но и споделени должности, обврски и одговорност без оглед на етничката, верската или друга припадност. Очекувам ова да стане и пракса да во секој понатамошен парламентарен состав еден од потпретседателите биде од редот на помалкубројните етнички заедници. Поради тоа, особена благодарност до оние пратеници од помалкубројните етнички заедници кои тоа го препознаа, ме поддржаа и гласаа за мене.

Верувам дека функцијата Потпретседател на Собранието ќе ми овозможи да дадам поголем придонес во развојот на парламентарната демократија и реформските процеси. И, секако, достоинствено ќе го претставувам Собранието на Република Северна Македонија” – изјави Зеќир Рамчиловиќ,
Потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија .