Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија дека ја минирала хидроелектраната Каховка на реката Дњепар, поради што под опасност од поплава се населени места и градот Херсон на југот на Украина, пишува Укринформ.
„Доколку руските терористи ја кренат во воздух оваа брана, над 80 населени места вклучувајќи го и Херсон, ќе бидат во зоната на брзо поплавување. Илјадници, десетици илјади луѓе ќе бидат погодени“, изјави претседателот Зеленски.
Тој ги предупреди светските лидери дека терористички напад врз хидроелектраната Каховка ќе има ист ефект како и користење на оружје за масовно уништување во Украина. Покрај поплавувањето на градови, кревањето во воздух на браната ќе остави без вода за пиење поголем дел од југот на Украина. Исто така, рушењето на браната ќе го уништи акумулираниот воден резервоар Каховка, од каде што со вода за ладење на реакторите се снабдува нуклеарната електрана „Запорижја“, која е најголема во Европа, изјави Зеленски, а пренесува Укринформ.
„Според нашите информација, Русија подготви сè за да го изврши терористичкиот напад. Украинските работници беа избркани надвор од електраната Каховка – само руски граѓани останаа таму. Тие ја комплетираа контролата над електраната. Неопходно е да се дејствува брзо за Русија да нема можност за реализација на катастрофата“, изјави претседателот Зеленски.
Во меѓувреме, во Херсон започна руската операција за дислокација на граѓаните од овој град. Руските власти информира дека досега „евакуирале“ 15.000 луѓе, додека Украина тврди дека станува збор за „депортација“ на украински граѓани и ги повика жителите на Херсон да не го прифаќаат руското барање за да си заминат од нивните домови, пишува Гардијан.
Руското гранатирање на украински градови продолжи и во текот на изминатово деноноќие. Три лица биле повредени во градот Запорижја во рускиот ракетен напад на инфраструктурен објект и станбена зграда, пренесува Гардијан. И во градот Харкив на истокот од Украина бил погоден објект од индустриската инфраструктура, при што шест лица биле повредени во ракетирањето./Мета.мк